Со податоци извадени од контекст се шират дезинформации за ефикасноста на вакцините

Објавено на 11 ноември, 2021 во 12:21

Во овој пост е споделен текст кој пренесува истражување направено од Лансет, кое, пак, погрешно се цитира без соодветен контекст. Самата студија, всушност, вели дека вакцините се ефикасни во спречување на хоспитализација и смртен исход, што е спротивно од она што се тврди во објавата на Фејсбук. Секое лице кое е вакцинирано, со која било вакцина, статистички може да развие дел од симптомите на вирусот. Ниту една вакцина не нуди 100 отсто заштита од симптоми на вирусот, туку тој процент варира помеѓу 50 и 99 отсто на заштита од заболување, во зависност од вакцината

Објава што се споделува на социјалната мрежа Фејсбук манипулативно тврди дека вакцините не спречуваат ширење на коронавирусот и не нудат заштита. За да се креира вакво тврдење, употребени се податоци од истражување направено за вакцините и делта сојот, кои притоа се извадени од контекст, испревртени и тенденциозно се користат само одредени делови без поширок и сеопфатен контекст.

Веќе е повеќе од јасно дека вакцините не спречуваат ширење на вирусот
Нудат некаква несигурна заштита од тешка форма на болеста, но само кај некои луѓе и само три месеци
И сега, шо праиме? Ќе продолжиме да убиваме луѓе со неефикасни и небезбедни вакцини, со лажги дека следната доза ќе го направи она што претходните не успеале? Дали ќе дозволиме децата и понатаму да се гушат со маски? Или ќе излеземе на улица и ќе кажеме Доста е!

Во објавата е споделен текст кој пренесува истражување направено од Лансет, кое погрешно се цитира без соодветен контекст. Поентата на истражувањето е дека ефективноста на вакцината против инфекција е намалена за делта варијантата во споредба со алфа, што досега многупати е објавено и транспарентно споделено со јавноста.

Она што, всушност, било истражувано во оваа студија, а не е споделено ниту на Фејсбук објавата, ниту во медиумскиот напис кој се користи како доказ, е пренeсувањето – ширењето на делта сојот во домаќинствата кај вакцинираните лица. Па, така, доколку во едно домаќинство се заболи личност која е целосно вакцинирана може да ја пренесе инфекцијата во домаќинството вклучително и на целосно вакцинирани контакти.

Всушност, и самата студија вели дека вакцините се ефикасни во спречување на хоспитализација и смртен исход, што е спротивно од она што се тврди во Фејсбук објавата.

Иако вакцините остануваат високо ефикасни во спречувањето на тешки болести и смртни случаи од ковид-19, нашите наоди сугерираат дека вакцинацијата не е доволна за да се спречи преносот на делта варијантата во домаќинствата каде што има долготрајна изложеност. Континуираните јавно-здравствени и социјални мерки за спречување на преносот на варијантата на делта остануваат важни, дури и кај вакцинирани лица, се вели во студијата.

Она што целосно ја промени состојбата и напредокот во справувањето со епидемијата со коронавирусот, е појавата на делта варијантата за која е докажано дека е многу повирулентна од сите други варијанти на вирусот.

На 31 јули, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, истакна дека делта варијантата на коронавирусот е исто толку заразна, како и сипаниците и дека инфекциите кај вакцинираните може да се исто толку преносливи, како и кај невакцинираните.

На 17 септември ЦДЦ објави анализа на неколку студии спроведени во САД и други земји за ефективноста на вакцините против делта варијантата. Во анализата се вели дека од појавувањето на делта сојот, ефективноста на вакцината против хоспитализација се движи од 75 до 95 отсто, а ефективноста против инфекцијата се движи од 39 до 84 отсто – во зависност од регионот. Пред делта сојот, тој опсег се движеше од 84 до 97 отсто ефикасност против хоспитализација и од 72 до 97 отсто ефикасност против инфекција.

Секое лице кое е вакцинирано, со која било вакцина, статистички може да развие дел од симптомите на вирусот. Ниту една вакцина не нуди 100 отсто заштита од симптоми на вирусот, туку тој процент варира помеѓу 50 и 99 отсто на заштита од заболување, во зависност од вакцината.

Тоа не значи дека вакцините не се ефикасни. Нивната ефикасност ја потврдува и податокот на Министерството за здравство дека во период од 6 август заклучно со 4 ноември 72 отсто од заболените и 78 отсто од хоспитализираните со ковид-19 се невакцинирани. Од починатите 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто примиле вакцина.

Слични податоци има и во Германија. Според Роберт Кох Институтот, како централната институција во Германија што ја следи состојбата со пандемијата, од 117.763 вакцинирани, а заразени, од 1 февруари досега, само 0,55% морале да бидат третирани на интензивна нега. Заштитата од хоспитализација е 94 отсто кај оние на возраст меѓу 18 – 59, односно 92 отсто кај оние над 60 години.

Засега, вакцините се единственото оружје кое може да се користи за да се приближиме до крај на оваа епидемија и некакво ставање во нормала на животите на луѓето. Не наседнувајте на објави и тврдења кои велат дека тие не се ефикасни, дека не нудат заштита и дека убиваат луѓе. Сите овие тврдења немаат никаква научна поткрепа и се во доменот на дезинформации.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.