Постигнување колективен имунитет е причина за масовната вакцинација

Објавено на 21 јули, 2021 во 09:31

Тврдењето изнесено во постот, дека причината поради којашто невакцинираните треба да се имунизират, е за да не ги заразат вакцинираните, не е точно. Апелите до невакцинираните, да одат да се вакцинираат, се упатуваат и за нивно добро, како и за да се постигне колективен имунитет, кој ќе го сопре ширењето на вирусот од еден на друг човек. Болеста ќе престане да се шири ако има голема пропорција од населението, која е имуна на болеста и тоа се причините заради кои се бара што поголем број граѓани да се вакцинираат

Рецензираме пост на Фејсбук, којшто манипулира со вакциналниот процес, односно со суштината на вакцинацијата.

Размислете добро за ова и одете па вакцинирајте се кога сте овци. Од што ве штити вакцината?, пишува авторот на постот и споделува фотографија на која што е наведено:

Лудница. Да се вакцинираат невакцинираните за да не ги заразат оние кои се веќе вакцинирани.

Никој никаде не кажал дека причината поради којашто невакцинираните треба да се имунизират, е за да не ги заразат вакцинираните. Тоа е лага и спин.

Вакцинираните и да се заразат со ковид-19, нема да имаат тешка клиничка слика. Тие ретко развиваат тешки компликации од ковид и уште поретко умираат поради компликации од болеста. Сите вакцини штитат од тешка форма на болеста и од смртен исход. А, масовната вакцинација е потребна, за да се постигне процентуално ниво на имунизирани во рамки на една држава, со што ќе се создаде колективен имунитет. Коронавирусот, како што објеснуваат редица медицински експерти, може да се пренесува од човек на човек кај невакцинираните, што повторно ќе придонесува вирусот да мутира. Единствениот начин тоа да се спречи е да се вакцинираат што поголем процент граѓани.

Во врска со вакцинацијата, доктор Горан Кунгуловски,  неодамна (06.07.2021) напиша:

Денеска се потврдени 6 случаи (4 во Јавно здравство и 2 во Жан Митрев клиник) позитивни на делта варијантата на SARS-CoV-2.

Голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од алфа сојот (барем 50%), а претходно алфа сојот се пренесуваше барем 50% побрзо од D614G сојот кој пак се пренесуваше за 20-30% побрзо од изворниот Wuhan-ски сој.

Има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните. 

За да ги направиме малце полесни овие неколку месеци, треба да знаеме дека:

Вакцините се уште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата.

Вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми (за коишто можеби тековните вакцини нема да може да помогнат), треба да престане да се дели – а за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг. За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмисија. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки (на сите ни е преку глава од истите, ама мораме).

Откако ќе се вакцинира голем дел на населението (се надевам), а и многу порано ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со booster доза (но моментално тоа е секундарно).

Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со booster дози.

Клиниката Мајо во САД, детално објаснува сè за колективниот имунитет поврзан со ковид.

Колективниот имунитет се постигнува кога голем дел од луѓето во една земја (општество), стануваат имуни на болест, што придонесува шансите за пренос на болеста од човек на човек да бидат мали. Како резултат на тоа целото општество станува заштитено, а не само тие што се имуни. Често пати, процент од популацијата мора да биде во состојба да се зарази со болеста, за таа да може да се шири. Оваа се нарекува гранична пропорција. Кога таа пропорција на популацијата која е имуна на болеста е поголема од таа што не е имуна, тогаш болеста ќе опаѓа. Ова се нарекува како граница на колективниот имунитет. Колкав процент од луѓето треба да се имуни за да се постигне колективен имунитет зависи од болест до болест. Што позаразна е болеста, поголема пропорција од населението треба да биде имуно на болеста за да таа престане да се шири. Има два главни начини за да се постигне колективен имунитет за ковид 19, или преку заразување или преку вакцинација, објаснуваат од Мајо клиниката.

Оттаму додаваат дека колективниот имунитет кој се создава со вакцинацијата, за разлика од начинот на постигнување колективен имунитет со заразување, не вклучува ни болест, ни здравствени компликации, како што тоа го прави ковид. Вакцините успешно контролираат серија болести како сипаници, полио, дифтерија, рубела и многу други.

Според стручните лица во болницата Мајо, колективниот имунитет прави да бидат заштитени и оние кои не можат да се вакцинираат, како новороденчињата кои имаат компромитиран имун систем.

Но, колективниот имунитет може да биде тежок за достигнување зашто некои луѓе не сакаат да се вакцинираат поради религиозни причини, стравови и скептицизам за придобивките од вакцината. Ако процентот на вакцинираните е под оној кој е доволен за постигнување колективен имунитет, ЗАРАЗНАТА БОЛЕСТ ќе ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ШИРИсе наведува во објаснувањето.

Поради сите горенаведени факти, како невистина, манипулација и спин го оценуваме тврдењето изнесено во постот, дека причината поради којашто невакцинираните би требало да се имунизират, е за да не ги заразат вакцинираните. Тоа не е точно.  Апелите до невакцинираните да одат да се вакцинираат се упатуваат за да се постигне колективен имунитет, кој ќе го сопре ширењето на вирусот од еден на друг човек. Болеста ќе престане да се шири, ако има голема пропорција од населението, која е имуна на болеста и тука лежи логиката кога се бара што поголем број на граѓани да примат вакцина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.