36 ученици за првпат даруваа крв на крводарителската акција во ССОУ „Коле Неделковски“
На традиционалната пролетна крводарителска акција во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, вчера, вкупно беа собрани 57 крвни единици. Голем дел од нив, поточно 36 беа од ученици коишто за првпат ја подадоа својата рака, даруваа крв и станаа дел од најголемото хумано семејство.
Од велешкиот Црвен крст велат дека станува збор за голема и успешна крводарителска акција на којашто бројките само ја потврдуваат хуманоста и големиот придонес во јавното здравје на вработените и учениците од ова училиште
– Крводарителската акција заеднички ја реализираа Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. Во реализацијата на акцијата беа вклучени тројца волонтери, додадоа од Црвен крст Велес.
Инаку, оваа година на манифестацијата по повод 17 март, Ден на крводарителството, училиштето „Коле Неделковски“доби признание за најдобра образовна институција на полето на крводарителството во 2022 година.
Стефани Манева