Бесплатни ранци и прибор за првачињата, бесплатен оброк за сите ученици до петто одделение во Општина Градско
Објавено: 21 август, 2025, во 12:22 часот
Со почетокот на учебната 2025/26 година, Општина Градско продолжува обезбедува бесплатни ранци и училишен прибор за првачињата како и бесплатен оброк за сите ученици од прво до петто одделение.
-Нашата цел е секое дете да започне со насмевка и мотивација, а образованието да биде гордост и радост за сите нас, истакна градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков.
Доделувањето на ранците и училишниот прибор ќе се изврши на првиот училишен ден, директно во училиштето, со цел да се олесни почетокот на учебната година за учениците и нивните родители.
Од друга страна, за сите ученици од прво до петто одделение и оваа година продолжува мерката за обезбедување бесплатен, свеж и здрав оброк секој училишен ден.
Со овие иницијативи, Општина Градско испраќа силна порака за поддршка на образованието, еднаквите можности и добросостојбата на децата.
Стефани Манева


