Автомобил излета од патот кај Штипско џаде и се заби во брегот над патот кон велешка населба „Речани“
„Среќа во несреќа“ имал возачот на возилото коешто попладнево, околу 13:00 часот, излетало од патот кај Штипско џаде и се забило во брегот над патот кон велешка населба „Речани“. Возачот поминал без повреди потврди за Дума.мк портпаролката на СВР Велес, Билјана Ѓаковска.
Очевидци ја информираа Дума.мк дека возило се излизгало од патот и се забило во земјениот брег. Бидејќи не постоел друг начин возилото да се извади од брегот морале луѓе да го истуркаат за да падне долу на патот којшто води кон велешката населба „Речани“. На социјалната мрежа „Тик ток“ има клип во којшто е целосно прикажан делот на туркањето на автомобилот од брегот под „Штипско џаде“ на патот кон населба “Речани“.
Полицијата ги предупредува возачите внимателно да возат и да бидат особено претпазливи поради лизгавиот коловоз на патиштата и на улиците.
Велешките возачи со години наназад бараат поставување на сигурносна ограда на овој дел од патот. Сметаат дека честите излизгувања се причина за сообраќајни незгоди. Таму се случи излизгување и на товарно возило во кое загина возачот.
Убавка Јаневска