Бојкот на наставата во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка, родителите против МОН за отворање на паралелка на албански наставен јазик

Објавено на 22 ноември, 2023 во 10:37

Родителите на учениците во ООУ„Тодор Јанев“ во населба Чашка утрово не ги пуштија на настава своите деца. Овој начин го избраа за да го изразат својот револт на одлуката на Министерството за образование за смената на директорот, примемот на работа на наставник по албански јазик и отворањето на паралелка што настава ќе следи на албански јазик. Од Советот на родители соопштија дека започнувајчи од денеска секое утро ќе протестираат пред училиштето затоа што  сметаат дека е прекршен Статутот на училиштето во кој пишува дека наставата се изведува на македонски јазик, училиштето три месеци работи без Училишен одбор а се реализирани три вработувања. на наставник по албански јазик како и на готвач и хигиеничар во услови кога училишниот интернат е затворен од Државен просветен инспекторат бидејќи немал верификација.

„Ние немаме ништо против дечињата кои се соученици на нашите деца но имаме бројни забелешки на работата на училиштето и сметаме дека според Закон за реонизација, настава на албански јазик во ООУ„Тодор Јанев“ не може да се изведува. Ангажиравме адвокат и започнавме постапка против законските нерегуларности што сметаме дека се случуваат во училиштето. Секое утро ќе бидеме во дворот на училиштето се додека не се пристапи кон законско работење а до тогаш нашите деца нема да одат на училиште. Ве покануваме како новинари да дојдете во петок на 24 ноември во Чашка, соопштија од Совет на родители на училиштето.

Родителте, исто така, информираа дека Министерството за образование во јуни, годинава, му ги одзело ингеренциите над училиштето на градоначалникот Горан Стојановски потоа го разрешило директор Горан Андовски со образложене дека не постапил по барањето на 20 родители на деца за отворање на паралелка на албански наставен јазик и за нова директорка ја поставило наставничката Елена Николова. Следеле и огласи за вработувања за кои тројцата родители во училишниот одбор не дале согласност. Во училиштето влегла финансова и трудова инспекција но советот на родители нема информации за тоа што е констатирано.

Во ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка учат вкупно 300 ученици од кои 50 се од албанска етничка заедница.

Дума.мк се обиде да стапи во контакт и со директорката на училиштето Елена Николова но таа не одговори на телефонските повици.

Убавка Јаневска

.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.