Светиот Крст во Велес го фати Дејан Димовски (фото)

Објавено на 19 јануари, 2022 во 13:49
Фото: Дејан Димовски со новинарите

Триесет и шест годишниот Дејан Димовски од Велес беше најсреќниот помеѓу шеесетина велешани што годинава запливаа во водите на река Вардар за да го фатат светиот Крст на христијанскиот празник Богојавление „Водици“. Тој за прв пат решил да биде дел од овој настан бидејќи длабоко во себе почуствувал дека токму тој прв во водите на Вардар ќе го фати крстот.

Фото: пливачите кои годинава учествуваа во фаќањето на светиот Крст во Велес

Дејан е женет и вработен во компанијата „Брако“ во Велес. Во моментот кога го фатил светиот Крст посака многу здравје и среќа за себе, семејството и за сите граѓани како во Велес така и во државата. Во тајфата на Дејан, денеска, беше негвиот добар пријател и другар Диме Популиев. По излегувањето од водата држејќи го светиот Крст во раце, Дејан и Диме беа пресретнати од бројни граѓани коишто сакаа да го бакнат крстот а потоа и да им честитаат и да им посакаат многу среќа, здравје и радости во годината што е пред нив. Со нетрпение Дејан го очекуваа и новинарите. Видно возбуден и во истовреме радосен Дејан на новинарските прашања одговори:

Фото: Моментот на фаќањето на светиот Крст

-Јас имам 36 години и сум среќно оженет, се уште немам дечиња и исто така сум вработен во компанијата „Брако“. Морам да кажам дека имав некое претчуство дека годинава токму јас ќе бидам тој во чиишто раце на големиот христијански празник „Богојавление“ ќе заврши крстот, симболот на нашата православна вера, по којшто запливаа околу шеесетина велешани. На своите сограѓани и на целиот македонски народ му посакувам здрава, среќна и бериќетна година. Бог се јави!, рече меѓудругото Димовски.

Фото: Врачување на подароците

Тој од Повардарската Епархија ги доби светиот Крст и Иконата со кои, според традицијата, во наредните четириесет дена ќе ги посетува домовите на велешани за да ги внесат во нивниот дом во знак на здравје, среќа и бериќет.

Фото: Доаѓањето на Литијата на „Мало Мовче“ во Велес

Димовски беше даруван со подароци од бројни донатори на настанот Богојавление – „Водици“ во Велес меѓу кои и од Повардарската Епархија која му ги подари Библијата и привезок златен крст. Тој доби ваучери од Општина Велес и Јавно комунално претпријатие „Дервен“, телевизор од кумот на манифестацијата Жито Ване, машина за перење од аптеки „Зегин“, пакет од првите кумови на овој настан фамилија Пепелашеви,  бовча од Автор сервис „Виктор“ и пакет вина од винарија „Изворно“.

Фото: Велешани на бреговите на река Вардар за манифестацијата „Богојавление – Водици“
Фото: Велешани на бреговите на река Вардар за манифестацијата „Богојавление – Водици“

По една година пауза поради пандемијата од коронавирусот, стотици велешани беа собрани на двата брега на река Вардар помеѓу Мало Мовче, со цел да го проследат чинот на фрлање на светиот Крст во водите на река Вардар.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.