Демант на МТСП: Општина Велес имаше четири месеци за да комплетира Управен одбор на ОЈУДГ„Димче Мирчев“
Министерството за труд и социјална политика ги демантира вчера изнесените ставови на градоначалникот Марко Колев и претседателот на Советот на Општина Велес за состојбата со доекипирањето на Управниот Одбор на велешката детска градинка. Министерството тврди дека одземените надлежности, од една година, на градоначалникот се поради пробиен временски рок од четири месеци во кој Советот на општината не именувал двајца нови членови како и за заштита на детската установа од состојба на блокада на нејзиното функционирање.
Во демантот на министертсвото пишува:
„Министерството за труд и социјална политика, доби известување од ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес, дека и покрај одлуката на Управниот Одбор за разрешување и именување на нови членови во УО на установата поради истек на мандат и која датира од јануари 2023 година (претставник од основачот Општина Велес и претставник од редот на вработени во установата), Советот на Општината Велес нема извршено именување. Поради тоа МТСП до Градоначалникот на Општина Велес и Претседателот на Советот на Општина Велес, согласно одредбите од Законот за заштита на децата, даде укажување за постапување и избор на членови во УО со разумен рок. И покрај даденото укажување и истекот на дадениот рок Советот на општината не именуваше членови во УО што е негова законска обврска, со што се оневозможува нормалното работење на предучилишната установа, која е од посебно општествено значење со оглед на фактот што згрижува деца од предучилишна возраст.
Министерството за труд и социјална политика согласно закон ја одзема надлежноста во траење од 1 година, во делот на разрешување и именување на членови на УО во предучилишната установа на основачот Општина Велес и донесе решенија за именување на споменатите претставници во УО на установата, за непречено одвивање на работите во предучилишната установа,“ пишува во ставот на министерството.
Убавка Јаневска