Демант на СПМ: „Неоснована и измислена кривична пријава против двајцата полициски службеници“
Синдикатот на полицијата на Македонија ја демантира кривичната пријава против двајцата полициски службеници поднесена од Секторот за внатрешни работи Велес до Основно јавно обвинителство Велес тврдејќи дека станува збор за напад и црно сценарио кон СПМ, по секоја цена да се сопрат нивните синдикални активности. СПМ смета дека кривичната пријава е поднесена поради тоа што нивни членови, без „влакна на јазикот“ и објективно, упатувале критики за лошото работење и менаџирање на Министерството за внатрешни работи.
„ Ќе повториме и сега, спротивно на Закон иако тоа е забрането и МВР не може да се меша во работата и дејствувањето на синдикатот, од страна на високи структури во СВР Велес и Одделот за внатрешната контрола по секоја цена и спротивно на сите процедури презедоа мерки, незаконски дејствија на секаков начин и неосновано да ја оцрнат работата на СПМ, со поднесување на неоснована и измислена кривична пријава.
Притоа при испрашувањето на основачите на СПМ, како да се најголеми криминалци, им беа вршени разни форми на притисок и доведувани беа во заблуда, со цел да се прикажат непостоечки „назаконити дејстија“ а дел од нашите членови се сомневаме дека имаат дадено најверојатно можеби и лажни изјави за наводно пополнети пристапници.
Затоа најостро ги демантираме наводите по повод поднесената кривична пријава и се ова го сметаме како обид да се запре синдикално движење во Македонија.
На крај ќе прашаме дали е вистина дека сите вмешани високи структури во СВР Велес кој добија задача на секаков начин да му наштетат на СПМ и да се мешаат во синдикалното делување претходно им е ветено унапредување на повисоки места доколку по секоја цена поднесат КП против СПМ?“, пишува во демантот на СПМ.
Овој полициски синдикат смета дека денешниот ден и упадот во синдикалното организирање преставувале атак кој нема да го заборават и простат па затоа ќе ги превземеле сите мерки и дејствија за да ја докажат вистината. Со пораката „Нема да не замолчите“ СПМ ќе продолжел да истрае во борбата за подобри услови и права во Полицијата.
„Го повикуваме премиерот Ковачевски, надлежните институции, амбасадите да преземат мерки и да го запрат ваквото незаконско дивеење и поднесување на неосновани пријави кои имаат единствена цел за оцрнување на Синдикат, напишаа од СПМ.
Убавка Јаневска