Донирани 300 канти за отпадоци од „Хабитат Македонија“ за граѓаните од велешка Рамина
Триста домаќинства во населба Рамина ќе добијат нови канти за отпад коишто се дел од донација којашто ја спроведува „Хабитат Македонија“ преку проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“. Овој проект има за цел да придонесе кон подигнување на свеста и одржлив урбан развој со промоција на еднакви можност кај Ромите и маргинализираните заедници во Велес.
– Соработката со „Хабитат Македонија“ продолжува и во иднина, а од 2020 до денес спроведени се повеќе активности – изработка на ДУП-ови за областите каде што живеат маргинализирани групи граѓани, набавка на возила за собирање на смет за ЈКП „Дервен“ низ тешко пристапните делови на Велес, едукативна кампања, акција за чистење на јавна површина во населбата Рамина, а во тек е и процесот на реновирање на домови на ранливи семејства, пишува во соопштението на Општина Велес.
Инаку, проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“ е финансиран од Европска Унија и „Хабитат Македонија“ го спроведува заедно со Општина Велес.
Стефани Манева