Џунова: Марко Колев во првите 100 дена не започна со реализација на ниту еден од ветените капитални проекти

СДСМ со коалициските партнери, денеска, на прес конференција го прозваа градоначалникот на Велес, Марко Колев за незапочнат ниту еден од ветените капитални проекти во изборната кампања.
-Главните карактеристики во текот на овој период се неисполнетите ветувања кон велешани, лагите, манипулациите, неработа, целосна партизација на општината и јавните претпријатија во градот, вработувања на членови на фамилии на високи функционери на ДПМНЕ, партизација на управните и надзорните одбори со несоодветен кадар, злоупотреба на службената положба и овластување и мобинг. Марко Колев во првите 100 дена не започна со реализација на ниту еден од ветените капитални проекти. Ветениот Генерален урбанистички план не е ни на повидок, во градот владее целосен сообраќаен хаос, проблемот со кучињата скитници само се продлабочува и го отежнува нормалното функционирање на граѓаните, не се направи ништо од ветените спортско рекреативни центри, не е направено ништо во индустриските зони во градот, рече Марја Џунова.
Според неа и СДСМ единствено што го направил градоначалникот Колев во овие први 100 дена била донесената одлука за урбанизација на езеро „Младост“.
– Марко Колев заедно со советниците од ВМРО ДПМНЕ преку продажба на народен имот, односно преку продажба на парцели на езерото „Младост“ за лукративни цели и задоволување на интересите на високи функционери од ВМРО ДПМНЕ само ја покажа неговата неспособност и незаинтересираност за велешани. Ваквите постапки велешани не ги заслужуваат. Токму затоа градоначаникот Марко Колев не ја заслужува довербата на велешани, додаде Џунова.
Првите 100 дена од мандатот на Градоначалникот Марко Колев биле показател што може да очекуваат велешани од него во иднина. Дума.мк се обде да добие став и од градоначалникот Колев но тој не одговори на телефонските повици.
Убавка Јаневска
