Европската недела на мобилност заврши со одбележување на „Меѓународниот ден без автомобили“
Возење велосипеди и тротинети, играње со топка, цртање, пишување мотивациони цитати поврзани со урбаната мобилност беа само дел од активностите коишто денеска се спроведоа за одбележување на „Меѓународниот ден без автомобили“. Целта на активностите е подигање на свеста на младите во Велес за здрав начин на живот и заштита на животната средина со користење на алтернативни форми на транспорт. На денот без автомобили присуствуваше градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, преставници од општината како и гости амбасадори.
– На денот без автомобили целосно е затворена улицата „Никола Карев“ и овде се спроведуваат разни активности. На затворената улица се вози велосипед, се игра со топка, има многу дружење. Целта ни е да ги прикажеме амбасадорите во едно поинакво светло како обични луѓе за да ги поттикнеме граѓаните да возат велосипеди и да водат здрав живот. Освен наши преставници од Општина Велес присутни се и Амбасадорот на Италија Н.Е. Андреа Силвестри, Амбасадорката на Шведска Н.Е. Ами Ларсон Џеин, Амбасадорот на ЕУ Н.Е. Дејвид Гир, од амбасадата на Германија – господин Флориан Трегер-Штајнтјес, потоа, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдштајн, директорката Дебора Конер на Американски мировен корпус во Македонија, Зелена парламентарна група, центарот за истражување и креирање на политики млади eвропски aмбасадори, отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC) и германско друштво за меѓународна соработка (GIZ), рече Славица Гајдова соработник за евроинтеграции и грантови во Општина Велес.
Учениците од основните и средните училишта, дечињата од детската градинка „Димче Мирчев“ како и волонтерите од Младински центар Велес преку игра и забава го одбележаа крајот на Европската недела на мобилност.
Инаку за време на Европската недела на мобилност, од 16 до 22 септември, секој ден беа организирани разни активности во градот.
Стефани Манева