Езеро на паркингот под комплекс Чешел во Велес, затната шахта им создава проблеми на граѓаните
При секој обилен дожд големи вирови со вода се создаваат на просторот којшто се користи и за јавен паркинг под комплекс Чешел како и над гаражите на зградите. Потоа големата количина на вода останува со денови. Граѓани коишто живеат во зградите велат дека по паркирањето на автомобилите на паркинг просторот или во гаражите коишто се наоѓаат под плочата со вирови од вода, не можат да поминат и да влезат во супермаркетите или пак комплексот на згади.
Граѓаните велат дека паркингот се користи како јавна површина па затоа сметаат дека Јавно комунално претпријатие „Дервен“ треба да биде задолжено за да ги чисти и одржува шахтите. Од ЈКП „Дервен“ со сосема поинаков став.
– Шахтата припаѓа на станбената зграда и нејзиното одржување е на куќниот совет во којшто спаѓа и маркетот „Кипер“. Потребно е куќниот совет да поднесе барање за одзатнување на шахтата по што екипа на ЈКП „Дервен“ ќе излезе на терен и ќе интервенира, рече Тодорка Пенкова, овластено лице за комуникација со јавност од ЈКП „Дервен“.
Инаку, станува збор за многу фреквентно место на коешто се лоцирани два големи маркети на трговски ланци. Вработените во еден од нив, исто така, се пожалија дека секое утро, додека ја примале дневната количина на леб, биле во вода до глуждеви.
Стефани Манева