(Фото и видео) Мегданчани со бел растриен грав беа добри домаќини на „Чист понеделник“ во Велес
Традиционалната маалска дружба по повод „Чист понеделник“ повторно ги собра соседите на Мегдан. Подготовките започнаа рано утринава со поставување на масите, клупите и столовите токму на раскрсницата на оваа месност којашто се наоѓа стотина метри под Соборниот Храм „Св. Пантелејмон“ во Велес.
Во убава соседска атмосфера сите мажи прифатија да имаат свои задолженија, едни за транспортот и местењето на масите, клупите и столиците за седење, други за подготовката на традиционалниот специјалитет „бел растрен грав со црвени пиперки“, трети за келнерските услуги а меѓу нив и по некоја Мегданчанка за подготвување на мезалокот.
Осумдесет годишниот Тодор Иванов по 20 пат е задолжен за подготовка на главното јадење што е повод не само домаќините туку и гости од повеќе делови на градот денеска од пладне до попладне да дојдат и да се насладуваат на храната и еснафскиот разговор на Мегдан.
Главниот кувар, велешанецот Тодор, го затекнавме на крајот од подготовката на главното јадење „белиот растриен грав со црвени пиперки“.
Секоја година оваа интересна средба има свој кум. Годинава тоа е велешанецот Трајче Папазовски кој живее во Швајцарија. Синоќа допатува во родниот град со цел да присуствува на „Чист понеделник“ на Мегдан.
И токму со помош на Велешката дијаспора направени се планови како оваа традиционална средба на Мегдан од вгодина да биде организирана со цел да има можност на неа да присуствуваат што поголем број на почитувачи на велешката, како дел од македонската традиција, на собири, дружба, разговори и споделување на спомени од една и од друга страна на зближување и негување на соседските и градски обичаи во Велес.
Убавка Јаневска