(фото и видео) Нов протест на велешките пензионери: „Нема отстапки од барањата“
Пензионерите од Велес, вчеравечер повторно одржаа мирен протест, овој пат на различна локација, во Амфитеатарот на Младински Парк но со иста цел, линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. За време на протестот голем број на велешани држеа транспаренти со разни пораки упатени кон Централната власт. „Апел, и ние пензионерите имаме право на достоинствен живот“, „Прашавте кои се овие? Ние сме обесправени пензионери кои си ги бараат своите права“, „3.500 денари линеарно“, „Оставка“, „Бараме 3.500 денари за достоинствен живот и 18.000 денари минимална пензија“, беа дел од пораките.
Велешанецот Никола Бисинов во своето обраќање пред присутните пензионери потенцираше дека како велешани кои имаат богата историја и имаат предци и луѓе кои продефилирани низ историјата на градот, секогаш се прашува себе си дали тие денеска се вистински нивни наследници, бидејќи сите претходници се бореле за македонската кауза, додека денешниот народ не го прави тоа.
За време на мирниот протест во своето обраќање пензионираниот актер Страшо Милошевски од Пробиштип порача сите пензионери да се обединат, бидејќи според него, историјата се повторува и се додека народот не се обедини, може и да исчезне. Ова било една од причините тој од друг град да дојде на протестот во Велес. Потоа, пред пензионерите, ги сподели и податоците дека во државата постојат 183 амбулантни возила наспроти 2.600 службени возила кои се користат за приватни и партиски цели. Тој додаде и дека постои социјална разлика кај пензионерите поради покачувањето од пред три години за 2,250 денари и максимална пензија од 16.000 денари. Според него, ова покачување доведува само до тоа кај некој да претекува а друг да нема ни за леб.
На самиот крај велешанецот Бисинов апелираше до пензионерите масовно да присуствуваат на организираниот протест закажан на 20 септември во 11:00 часот пред Владата на Република Македонија во Скопје.
Стефани Манева