(фото и видео) ООУ „Панко Брашнаров“ од Велеc го одбележа својот патронен празник со порака за љубов, знаење и другарство

Основното општинско училиште „Панко Брашнаров“ од Велес, денеска, свечено го одбележа својот патрон празник, со богата културно-уметничка програма и силна порака од учениците – дека со љубов, знаење и другарство ја градат својата приказна.

Свеченоста започна со кратко обраќање од директорката на училиштето, Сениха Брзева, која топло ги поздрави присутните гости, наставници, родители и ученици, истакнувајќи ја важноста на овој ден како потсетник за значењето на ликот и делото на Панко Брашнаров, чиешто име со гордост го носи училиштето.
Во продолжение, учениците, подготвени од своите наставници, приредија пригодна програма која ги воодушеви сите присутни. Настанот започна со две песни, изведени од самите ученици, по што следеше рецитал посветен на љубовта, почитта, знаењето и другарството — вредности кои беа во срцето на темата на овој празничен ден.


Потоа малите ученици со ритмичката кореографија на песната „Дајте музика“, донесоа ведрина и енергија на сцената, а програмата продолжи со театрална претстава, инспирирана од темата на празникот, која преку бајковит наратив ширеше порака за толеранција, заедништво и прифаќање.


Учениците со својата креативност, искреност и емоција уште еднаш докажаа дека иако се млади, имаат моќни пораки кои допираат до срцата на сите генерации.

Со љубов, знаење и другарство учениците од ООУ „Панко Брашнаров“ од Велес ја градат својата приказна.
Стефани Манева


