(фото) Во чест на Зоран Љутков: Ново детско игралиште „Зоки Поки“ – дар од љубов и спомен за добрината

Во знак на сеќавање и почит кон велешанецот Зоран Љутков, основач на семејната компанија „Пододекор“, денеска, во Велес беше свечено отворено новото детско игралиште „Зоки Поки“ и предадено на Општина Велес.

Игралиштето се наоѓа кај Железничка станица во Велес и претставува целосно уреден простор опремен со современи реквизити за најмладите. Целата донација е овозможена од компанијата „Пододекор“, како потсетник на човекот чија добрина и насмевка оставија длабока трага кај Велешани.


Свеченото отворање го означија најмладите членови на семејството Љутков и градоначалникот на Велес, Марко Колев, кои ја пресекоа црвената лента. Во веселата атмосфера први уживаа децата од градинката „Димче Мирчев“ и ПОУ „Маца Овчарова“, заедно со бројни дечиња од градот кои со смеа и радост го исполнија новото катче.


Градоначалникот Колев ја поздрави донацијата на семејството кое во најтешките мигови смогна сили да го заврши она што беше нивна заедничка желба и сон и ја истакна нејзината вредност за заедницата.

-Ова игралиште е повеќе од простор за игра – тоа е симбол на човечност, семејна љубов и општествена одговорност. Благодарност до „Пододекор“ што со овој гест му подарија на Велес место полно со радост и спомени. Нека нивната општествена одговорност биде поттик и пример за целата бизнис заедница, додаде Колев.

Детското игралиште „Зоки Поки“ претставува спој на љубов, сеќавање и заедништво – место каде што ќе играат и се забавуваат деца на сегашните и идни генерации на сограѓани.

За поголема безбедност, просторот е опремен со видео надзор кој функционира 24 часа дневно.
Стефани Манева
Фото галерија:






