Годинава за седум месеци Велес го посетиле 6.724 туристи кои оствариле 10.118 ноќевања
Во изминатите седум месеци Велес го посетиле 4.464 странски туристи кои оствариле 7.040 ноќевања додека скоро половина помалку изнесува бројот на домашни туристи и остварени ноќевања во хотелско угостителските објекти. Поточно, кога се во прашање домашните туристи нивниот број изнесува 2.260 со остварени 3.078 ноќевања. Најголем број на туристи има во периодот од месец мај до месец јули кога 3.388 странски гости оствариле 4.719 ноќевања додека домашни гости биле 1.094 со 1.422 ноќевања.
Споредено со минатата година, разликата на остварени посети и ноќевања е незначителна па така и приходот што од туристичката такса се влева во општинскиот буџет. Ако лани Општина Велес остварила приход од 214.417,00 денари, годинава, приходот е зголемен само за 54.695 денари. Од секое остварено ноќевање во буџетот на Општина Велес влегуваат 32 денари на име туристичка такса додека 8 денари се инкасираат во буџетот на државата.
Угостителите не го откриваат вкупниот број на ноќевања што го оствариле минатата и оваа година но констатираат дека најголем број на гости со остварени ноќевања се од транзитен туризам. Дел од нив додадоа дека пандемијата со Ковид-19 е главна причина за намалувањето на странските гостите во минатата година. Оттогаш веќе ги нема грците кои доаѓаа поради ловен туризам а се намалил и бројот на заинтересирани гости за рурален туризам. Според нивните изјави најголем број од домашните туристи и остварениот број на ноќевања се должи на организирани обуки и семинари во угостителските објекти.
За туристичките работници актуелната состојба е одраз на немање на туристичка понуда во која градот Велес би ги промовирал културно историските и археолошки споменици. Според нив за почеток добро би било пред хотелите и мотелите да се постават паноа и промотивен материјал со понуда која би ги опфатила црквата „Св. Пантелејмон“, манастирот „ Св. Димитрија“, Спомен костурницата како и спомен куќите на значајните историски личност на Велес. Овој вид на промоција на градот можеби би го привлекол интересот и наместо со едно транзитните туристи би ги задржал со повеќе ноќевања. Исто така, туристичкото место Езеро Младост би можело да го задржи вниманието на странските гости на кои интересен дел од понудата би им бил и археолошкиот локалитет „Стоби“.
Зголемувањето на бројот на туристите и остварените ноќевања би го зголемил и приливот на средства во општинскиот буџет по основ на туристичка такса.
Убавка Јаневска