Голема заинтересираност за лични асистенти на лица со попреченост во Велес (фото и аудио)
Околу 25 лица, до сега, се пријавени на конкурсот за посетување на обука на личен асистент на лица со попреченост којшто на 23 ноември, годинава, го распиша велешки Црвен крст. Сите пријавени кандидати ќе бидат интервјуирани и од нив најмногу 20 лица ќе бидат избрани да ја посетуваат оваа обуката. Тие на самиот крај откако ќе го завршат полагањето, ќе се стекнат со сертификат којшто ќе може да го искористат при работа со лица со попреченост.
-Согласно нашите потреби и можности можеме да направиме група од 15 до 20 лица коишто ќе можат да ја посетуваат оваа обука. Оваа обука се спорведува преки верификувана програма за лица со попреченост и лица со оштетен вид. Ќе се одвива преку 200 наставни часови и очекуваме да започне од средина на месец декември и да трае до средина на месец февруари. Сите кандидати на крајот од обуката полагаат тест и се здобиваат со сертификат за личен асистент на лица со попреченост, рече Орце Николов, секретар на велешки Црвен крст.
Овие асистенти ќе можат да ги користат лицата коишто имаат најтешка телесна попреченост или пак потежок вид на свесна попреченост.
-Асистентот има главна улога да биде со тоа лице четири часа во денот и да ги задоволува неговите потреби. Поточно, заедно да пишуваат, да бојат, да играат, да го прошета доколку има потреба и малку да ги ослободи неговите родители коишто 24 часа се со него и мора постојано да биде под нивни надзор. Додека кај слепите лица, малку е подруга ситуацијата. Асистент може да се биде на слепо лице коешто е до 64 годишна возраст, односно работноспособно и кај нив асистенцијата многу често се однесува на носење до работа, зимање од работа, придружба до маркет, аптека како и средувања во домот, додаде Николов.
Сите заинтересирани граѓани коишто сакаат да бидат дел од оваа обука може да се пријават до утре, 30 ноември, во просториите на велешки Црвен крст, преку телефонскиот број 043/231-537 или пак преку e-mail [email protected].
Стефани Манева