Градежните активности во Младински парк треба да завршат до средина на месец јуни
Работните активности коишто се изведуваат во Младински парк течат по планираното и до сега, од страна на градежната фирма изведувач нема непланиран застој во работата. Иако градежните работи е предвидено да завршат во рок од три месеци, од Општина Велес соопштија дека со овој интензитет на работа истите би требало да завршат до средина на месец јуни. Во паркот старите плочки се заменуваат со нови бекатон плочки и целосно се санира Амфи театарот.
– Во Амфитеатарот имаме предвидено санација на бетонските седишта. Истите се санираат, се премачкуваат, се бојат и треба да се стават нови дрвени даски за седење. Се заменува старата оградата на VIP ложата со нова. Се прават санации на постоечката бина и постоечкиот ѕид на бината, додадоа од Општина Велес.
Покрај Младински парк, вработените од ЈКП „Дервен“ активно работат и во Градскиот парк.
– Деновиве вработените од ЈКП „Дервен“ ги косат зелените површини во Градскиот парк и ги кројат дрвјата, се врши фрезирање на песок на одбојкарското игралиште, се чистат трибините на ракометното и одбојкарското игралиште, се поставува пешачка патека од бетонски плочи до тениското игралиште, соопштија од ЈКП „Дервен“.
Исто така, се санира паркингот кај спортската сала Гемиџии, се поставува потпорен ѕид на влезот од паркингот кај спортската сала и се поставуваат ивичњаци за формирање на патека кај новооформената зелена површина до ракометното игралиште.
Стефани Манева