Граѓани тврдат дека општината ја заборавила дупката во асфалтот на спој на улиците „Партение Зографски“ и „Благој Ѓорев“, локалната власт ветува од утре започнува санацијата (фото)
Со ништо не е променета по 26 дена глетката на дупката којашто се отвори во коловозот на спојот на улица „Партение Зографски“ со централната „Благој Ѓорев“. Оградена е и покриена со дрвени плочи додека покрај неа поради поставената сообраќајна сигнализација е исцртан пешачи премин по којшто минуваат голем број на граѓани додека со заобиколување се возат моторни возила. Ни пешаците ниту возачите како да не го забележуваат испуканиот слој на асфалтот којшто на угорницата на улицата „Партение Зоографски“ изгледа како шаховка табла.
Дел од жителите, на овој дел од улицата, кои на 26 декември побараа помош од Дума.мк и со батерија доцна попладнето се обидоа да ни покажат дека дупката е најверојатно длабока најмалку 2 метри сега велат дека се зачудени што до денеска нема интервенција од страна на Општина Велес. Дума.мк, нивните прашања, ги испрати до општината и ја праша што е сторено освен поставеното обезбедување на самата дупка на коловозот и што превзеде како решение до денеска Општина Велес за санирањето како и што треба да следи и во кој временски рок?
Од Општина Велес одговорија:
„По констатирањето на “дупката“ на спој на улица Благој Ѓорев и улица Партение Зографски, констатирани се причините за појавениот дефект, извршено е обезбедување на дупката со поставување на барикади и покривање на дупката. Dоговорено беше да се набави материјал за изработка на шахта на местото каде е појавена дупката. Имајќи во предвид дека следеа Новогодишни и Божиќни празници, а поради големата фрекфенција на сообраќај кој се создава за време на празниците, направено беше обезбедување на локацијата, предложено беше да се избегнат гужвите, а после тоа да се преземат активности за изработка на шахта и затрупување на просторот околу шахтата и бетонирање. Во меѓувреме заврна и снег и работите се одложија. Во разговор со изведувачот на работите потврдено е дека од среда, 22.01.2025 година ќе започнат со градежни активности на локацијата за решавање на проблемот.
Од општината, исто така, одговорија и на второто прашање на Дума.мк коешто се однесува на безбедноста на околината околу дупката за поминување пешки на граѓани и за заобиколување со автомобили или други превозни средства? Од таму тврдат дека граѓаните не треба да се вознемируваат за својата безбедност.
„Што се однесува до второто прашање Ве информираме дека локацијата е бебзбедна,“ напиша во одговорот Општина Велес.
Според граѓаните кои живеат во овој нов дел на Велес и се староседелци досега, во изминатите четири децении, никогаш не се појавила ваква подземна дупка во двете сообраќајници. Тие се збунети од фактот што земјата под асфалтот се повлекла оддеднаш најмалку 2 метри и од стручните лица на општината бараат особено да се провери безбедноста на угорнината на „Партение Зографски“ како и целиот спој со „Благој Ѓорев“ бидејќи како што велат во овој дел на Велес има интензивна изградба како на семејни така и на колективни објекти за домување.
Убавка Јаневска