ИН МЕМОРИАМ: Јордан Камишев 1946 -2025

Објавено на 11 февруари, 2025 во 15:10

На 79 годишна возраст и по кратко боледување, во саботата, 8 февруари почина велешанецот Јордан Камишев дипломиран економист и познат стопанственик во неговиот роден град.

Камишев е роден во Велес во 1946 година каде го завршува основното и средно економско училиште по што се запишува на Економски факултет во Скопје и за четири години е дипломец, на генерацијата 1968/69 година. По отслужување на двегодишниот воен рок, младиот  дипломиран економист, приправничкиот стаж го стекнал во тогашната осигурителна компанија ЗОИЛ „Македонија“ додека првото вработување во фабриката за шински возила „Колска“ од каде преминал да работи и во велешката експозитура на Стопанска банка откако одбил да се отсели од родниот град и да биде дел од највисокото раководство на банката во Скопје.

Можноста да ги покаже своите стручни квалификации, Јордан Камишев, ја добива во велешкиот гигант на металургија поточно Топилницата за олово и цинк. Тој е Финансов директор во најдобрата менаџерска гарнитура на гигантот предводена од генералниот директор Никола Гашески  и исто така финансискиот директор Татјана Тасева. Камишев во овој период е и претседател на Управните одбори, прво на ФК „Металург“ а потоа и на ФК „Борец“.

Во 1987 година именуван е за генерален директор на Свиларски комбинат „Нонча Камишова“ каде останува на четири годишна раководна функција додека во 2000 година е назначен за прв човек на велешката, регионална Управа за јавни приходи од каде и се пензионира. Додека ги извршуваше раководните функции меѓу другото Камишев беше отворен за соработка со новинарите и медиумите.

Јордан Камишев беше сопруг, татко на две деца и дедо на три внуци.

Неговите посмртни останки беа погребани вчера, на 10 февруари, на градските гробишта во црква „Свети Спас“ во Велес.

Искрено сочувство на семејството и светол патот директоре кон царството небесно.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.