ЈПВ „Лисиче“: Велешани ќе имаат вода за пиење и на пеколните температури летово

Објавено на 19 јули, 2022 во 14:17
Фото: Акумулација на Хидросистем „Лисиче“

Пеколните жештини што се најавуваат за претстојниот дел од летото нема да влијаат на потребните количини на вода за пиење на велешани. Сега, кога  температурите се искачуваат на и над 30 степени целзиусови, акумулацијата на браната на хидросистемот „ Лисиче“ се полни со вода од река Тополка  во количини од 120 литри во секунда. Денеска во акумулацијата има 21 милиони и 385 илјади метри кубни вода што значи дека нивото е на висина на кота 421,41 или многу блиску до максимално дозволената граница.

-Количината на вода е до максимумот на акумулацијата. Според стратегијата на полнење и одржување на нивото на вода на акумулацијата како востановен повеќегодишен систем  за кој инжинерите на самата акумулација многу сериозно се придржуваат. Штом има поголем прилив на вода акумулацијата се полни до максимум на прелив и се одржува до моментот додека не започне интензивно да се празни. Тоа е поврзано и со намалувањето на приливот на вода од реките Тополка и Врановска, вообичаено во месеците јуни и јули, со што воопшто не се доведува во прашање потребните количини од вода за пиење за потребите на град Велес, рече Панче Иванов директор на ЈПВ „Лисиче“.

Фото: Панче Иванов, директор на ЈПВ„Лисиче“

Според Иванов, при ваква состојба, потребите на граѓаните на Велес од вода за пиење се задоволуваат со 30 отсто од количеството во акумулацијата. Тоа значи дека останатите 70 отсто се вишок од потребите. Всушност тоа е количина на вода што е планирана за наводнување на обработливите земјоделски површини во двете општини Чашка и Велес. ЈПВ „Лисиче“  во моментов ги интензивира активностите за започнување на изградбата на паралелниот цевковод за наводнување на 4,5 илјади хектари земјоделско обработливо земјиште во велешко и на територијата на Општина Чашка.

– По подготвената Физибилити студија сега сме во постапка на изработка на Основен проект. Со подготовката на вториот документ можно е студијата да претрпи некои измени но, сепак проекциите ќе останат на предвидените 1.400 приклучоци во примарна мрежа и неколку пати повеќе во секундарна мрежа. Со овие проекции треба да се наводнува од 4,5 до 5 илјади хектари обработлива земјоделска површина. Сега, во моментов, јавното водостопанско претпријатие е насочено кон интензивирање на работите за кои веќе во месец септември ќе можеме да зборуваме и со конкретни рокови, додаде Иванов.

Фото: Акумулација на Хидросистем „Лисиче“

И покрај добрата хидролошка состојба, што значи дека нема потреба од грижа за чиста и здрава вода за пиење, сепак од ЈПВ „Лисиче“ апелираат на граѓанската должност за правилно користење од страна на корисниците. Пеколните температури сигурно дека ќе ја зголемат потребата на граѓаните од дополнителни количини на вода за разладување, за полевање на градините и за миење на дворните места за што потребно е да се користат разумни количества.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License