Катната гаража кај автобуска станица „заглавена“ од идеен проект, во центар подземната ако општината има пари

Објавено на 11 април, 2022 во 14:08

Немањето доволно простор за паркирање на возилата во градот не е само проблем на возрасните туку и на младите велешани, седуммина од нив беа анкетирани од страна на Дума.мк на настанот што веб порталот го организираше со наслов „На кафе и локум во Страда Кафе“. Во писмата што им беа ставени на располагање на вкупно 20 учесници на овој настан, седуммина од кои четворица момчиња и три девојки, ја прашаа Општина Велес како ќе ја подобри состојбата со обезбедување на доволен број паркинг места на коишто ќе можат да ги паркираат сопствените автомобили.

Во одговорот што Дума.мк го доби од општината по слободен пристап на информации пишува:

„Во тек е потпишување на договор со фирмата која го доби тендерот за изградба на паркинг на улица „Љубљанска“. Се изработува идеен проект за паркингот позади „Круг“. Се подготвува и идеен проект за катна гаража на автобуската станица, кај постоечкиот паркинг, додека за подземната катна гаража во центар потребно е да се обезбедат финансиски средства“.

Од напишаното може да се заклучи дека општината е во постапка на подготвување на идејни проекти за две локации за катни гаражи во централното градско подрачје, но не конкретизира кога проектите ќе бидат готови. Исто така, не пишува датум ниту за настојувањето да го реши проблемот со недоволниот број на паркинг места околу основното училиште „Блаже Конески“. Така Дума.мк го толкува одговорот напишан во четирите реченици од страна на Општина Велес. Последната реченица од одговорот на општинската администрација ни дава за право да констатираме дека засега велешани не можат да се надеваат дека ќе биде изградена подземната катна гаража што беше предвидена од претходната локална власт под просторот на паркингот пред Основен суд Велес. За неа велешани најверојатно ќе треба да чекаат подобри времиња бидејќи е потребно да бидат обезбедени финансиски средства.

До тогаш сообраќајниот хаос особено на централните градски улици ќе продолжи. Фотографиите што Дума.мк денеска ги објавува говорат за тоа дека засега нема никаква промена, улиците се полни со паркирани возила, за паркирање се користи и третата коловозна лента што вообичаено би требало да биде ставена во функција за кратки запирања а на паркингот вообичаено нема ниту едно празно место. Глетката не е ниту подобра на споредните улици каде возила се паркираат без да се води сметка за нормално одвивање на сообраќајот. Ситуацијата, исто така, не е ништо подобра ниту во сокаците и маалата каде паркирани возила затвораат влез на граѓани во семејните куќи или пак не овозможуваат пристап на противпожарни и возила на итна медицинска помош.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.