Богојавленски водосвет во Кавадарци, најсреќен Стефан Ѓорѓиев
По шест обиди, денешното, седмо скокање по светиот крст беше среќно за шеснаесет годишниот Стефан Ѓорѓиев од Кавадарци. Тој усепа да го извади светиот крст од судената вода на реката Луда Мара каде се одржа централната манифестација по повод големиот празник Богојавление Водици. За разлика од минатите години, годинава најверојатно проади ладното време, беше помал бројот на момчињата кои скокнаа по светиот крст.
„ Многу сум среќен поради тоа што ова ми е седма година како се обидувам да го фатам осветениот крст и најпосле успеав. Очекувам здравје, среќа и радост, рече во изјавата за медиумите Стефан Ѓорѓиев .
Ѓорѓиев од локалната самоуправа доби тв приемник, а сите кои скокаа по крстот добија бањарки. Подароците им ги врачи секретарот на општина Кавадарци Ќире Делов кој упати честитки до сите верници по повод празникот Богојавление.
„ Да си посакаме оваа година и сите години што следат многу здравје и многу среќа пред се. Чинот на кој бевме денес сведоци да не сплоти како народ уште повеќе“ рече Делов.
На чинот на осветување на водата во реката Луда Мара и потопување на светиот крст претходеше света литургија во храмот Свети Димитрија, а за прв пат годинава и во новоизградената црква „Света Преподобна Параскева- Петка“. Потоа верниците од двете цркви со литии се упатија кон кејот на реката каде присуствуваа голем број верници.
Голем број верници годинава присуствуваа на богојавленскиот водосвет на водата и во брана Моклиште. Осум момчиња скокнаа по осветениот крст, а меѓу нив најсреќен прв да доплива беше четиринаесет годишниот Јован Гогов. Тој и минатата година ја имаше истата среќа. Им посака здравје и среќа на сите граѓани.
„Радосен сум што и годинава успеав да го фатам светиот крст. Ова ми е второ фрлање по крстот и ме послужи среќа. Посакувам здравје и среќа на сите“ рече Гогов. Од локалната самоуправа Кавадарци за подарок доби телевизор, а подароци доби и од други спонзори на манифестацијата./А.Д