Млад Македонец со глобален успех: Мајстор во шифрирање!
Нов успех на својата земја и донесе младиот кавадарчанец Дарко Трајков.
Тој беше единствениот претставник на Македонија на Светското првенство во ХСТ за брзо предавање и примање на морзеови знаци што годинава се одржа во Битенберг во Швајцарија.
Во исклучително силна конкуренција тој го освои третото место, а се натпреваруваше во дисциплината руфз. Помеѓу натпреварувачи од четириесетина земји Трајков и овој пат докажа дека Македонија има потенцијал да биде на врвот. За него ова е трето по ред Светско првенство. На претходните две кои се одржаа во Бугарија и Полска го освои второто место, а на Европскиот натпревар во Италија го надмина сопствениот рекорд пласирајќи се на првото место.
Од својата десета година Трајков е член во Народна техника Кавадарци и уште на стартот се издвои како најдобар. Сега е студент на втора година на Воена Академија и е дециден дека не планира да се откаже од својата љубов, ХСТ натпреварувањето. Светското првенство во Швајцарија му е десетто по ред.