Македонците го овековечија споменот на претците во село Горица, Албанија!
Објавено: 7 мај, 2013, во 13:26 часот
Шеесетина потомци на бегалците од Мала Преспа кои сега живеат во повеќе градови во Македонија, вчера поставија гранитен споменик како вечен потсетник на времето и чинот кога се избркани нивните претци од селото Горица.
На споменикот е изгравирана жена која во рацете држи мало дете, а до неа одат уште две мали деца како симбол на егзодусот кој се случувал пред 80 години. „За чест и слава, за храброста, непокорот и патилата на Горичаните кои во 1933 година заминаа засекогаш“ ова е текстот напишан на споменикот на македонски и албански јазик.
„Мала Преспа е еден простор со хомогено македонско население, кое во времето на турската имеприја било една етничка целина со сиот преспански регион, ресенско и леринско. За тоа најдобро сведочи дијалектот на кој зборуваат , носиите и обичаите кои го имаат. “ рече професорот во пензија Милан Наумов од Кавадарци. Тој е еден од организаторите на оваа средба.
Наумов информираше дека во селото Горица биле пречекани од нивните роднини, тамошни жители, а ги поздравил и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко./ А.Д
