Годинава земјоделците се соочија со многу болести на растенијата

Објавено на 31 јули, 2014 во 10:30

Нестабилното време, честите обилни врнежи и промената на температурата се главни причини за развој на болестите кај земјоделските култури, тврдат стручњаците.

Годинава поради глобалните климатски промени, болестите направија големи штети во производството. Посебно на удар е виновата лоза, каде пламеницата и пепелницата направија огромни штети.

„Среде зима имавме некарактеристично високи температури. Пролетта продолжи со големи промени во температурата, а исто време имаме цело лето. Нестабилност, темепратурни екстреми и голема влажност. Тоа беше услов многу патогени и штетни инсекти да преживеат и со развојот на вегетацијата да направат големи штети. Лозарите кои имаат најголеми штети од пламеницата најверојатно не ја извршија заштитата навреме, бидејќи во земјоделството најважно е правилото да се спречи, а не да се лечи“ објаснува  проф д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата. Тој нагласува дека во земјава земјоделците сеуште заштитата ја извршуваат стихијно и по слободно убедување, а тоа негативно се одразува по квалитетот на приносот посебно во вакви временски услови.

Професорот денеска имаше средба со повеќе лозари во кавадаречко. Тие загрижени, бараа стручна помош од него за проблемите со кои се соочуваат. Покрај пламеницата за голем дел од нив и закана за долгогодишните насади со винова лоза се и хлорозата, апоплексијата, фомопсисот.

„Многу е важно земјоделците да ги почитуваат стручните совети. Пак ќе речам превентивното и навремено дејствување може да даде резултат во борбата со болестите и штетниците. Откако болеста ќе земе замав речиси и не е можно да се излекува растението“ рече  проф. Д-р Вучков./Б.Н.Т

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.