Кавадарци се почесто во мрак
Објавено: 22 ноември, 2014, во 14:22 часот
Денеска дваесетина минути и синоќа околу половина час Кавадарци беше во мрак поради прекин на електричната енергија. Прекин на струјата имаше и во претходните денови. Ваквите не најавени прекини ги разгневија кавадарчани. Граѓаните постојано коментираат низ социјалните мрежи. Бараат објаснување зошто зачестија прекините во електричната енергија. Голем број од нив стравуваат дека ваквите, чести прекини на струјата ќе им направат штета на електричните уреди.
Од портпаролот на ЕВН, Атанасо Ковачевски добивме информација дека во моментов се работи на целосна реконструкција на 110 киловолтната трафостаница „Кавадарци 2“.
„Се работи на комплетна реконструкција и модернизација на трафостаницата. Се заменува секој дел со нов. Се работи за поголем зафат кој се реализира во фази и ќе се работи и во месец декември. Најголем дел од прекините на струјата се планирани и најавени, бидејќи за да се работи мора да се прекине електричната енергија. Но, имаме и непланирани прекини во електроснабдувањето поради дотраеност на мрежата. Нашите екипи се постојано на терен и работат. Целиот зафат чини околу 1 милион евра“ рече Ковачевски.
Тој побара разбирање од граѓаните, бидејќи после реконструкцијата и модернизацијата градот ќе добиел квалитетно електро снабдување./А.Д


