Продолжуваат прекините на струја во Кавадарци
Прекините на струја во Кавадарци не запираат. Четири дена по ред околу 22 часот делови од градот остануваат без струја по триесетина минути. Кавадарчани јавно прашуваат како е можно да се случуваат дефекти речиси секогаш во ист термин. Се сомневаат дека прекините биле поради наводно пренасочување на струјата за потребите на индустријата.
Од ЕВН добивме официјално соопштение во кое се наведува дека Корисничкиот енерго центар на ЕВН Македонија во Кавадарци интензивно работи на реконструкција на дистрибутивната мрежа во Кавадаречкиот регион.
Над 9 милиони денари биле инвестирани во реконструкција на трафостаницата на 110kV Kавадарци 2, каде што се врши замена на 10 kV прекинувачи со нови и инсталирање на нова заштитна опрема за истите.
Понатаму во соопштението стои дека до 10ти декември целосно ќе се завршел проектот и сите тековни проблеми ќе биле надминати.
ЕВН Македонија им благодари на своите корисници за трпението./A.Д
