Смени на директори и раководители во Кавадарци
Објавено: 7 август, 2017, во 09:15 часот
Започнаа смените на директори и раководители низ институциите во Кавадарци. Болницата во Кавадарци доби нов директор,подрачната единица на МЗШВ нов раководител, а првиот човек на ОО на СДСМ Кавадарци; Зоран Ѓорѓиев е именуван за директор на ЈП Македонски шуми.
По неколку годишно директорување со болницата д-р Орце Ангеловски е заменет со урологот и хирург д-р Диме Коцев.
Д-р Диме Коцев има завршено специјализација по урологија на Медицинскиот Факултет во Скопје и работи како специјалист по урологија во Општата Болница во Кавадарци Коцев е роден на 03.09.1968 година во Кавадарци и моментално живее во Кавадарци. Женет и татко на едно дете.
Д-р Коцев е член на МАУ (Македонската Асоцијација на Уролози), како и на ЕАУ (Европската Асоцијалција на Уролози).
На предлог на Владата на Република Македонија, Управниот Одбор, едногласно го избра Зоран
Ѓорѓиев за нов Генерален Директор на ЈП Македонски Шуми. Ѓорѓиев е роден на 18.02.1971 во Кавадарци. Оженет и татко на две деца. Основно и средно училиште завршува во Кавадарци. Дипломира на Шумарскиот факултет на „Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во ЈП Македонски Шуми работи повеќе од 20 години, поточно од 1996 година кога се вработува како шумарски инженер во подружницата на ова претпријатие во Кавадарци. Од 2004 до 2006 е директор на ЈП Македонски Шуми подружница Кавадарци. Од 2013 година па до денес, Ѓорѓиев е претседател на Општинската Организација на СДСМ од Кавадарци. Смена на раководната позиција е направена и во подрачната единица на МЗШВ.
По неколку годишно раководење заминува Зоран Шалев, а за нов раководител е назначен Митко Керов. Керов е дипломиран земјоделски инженер од Факултетот за Земјоделски Науки и Храна и претседател на комисијата за Земјоделство во ОО СДСМ Кавадарци – информираа од ОО на СДСМ Кавадарци. Моментално Керов е на магистерски студии на Факултетот за Земјоделски Науки и Храна.
„ По назначувањето на Керов како раководител на подрачната единица за МЗШВ во Кавадарци, граѓаните на Кавадарци и пред се земјоделците ќе добијат сојузник и личност секогаш достапна за нивните потреби и проблеми. За разлика од досегашното работење на ДПМНЕ и досегашниот раководител на оваа позиција Зоран Шалев, отсега лозарите и земјоделците нема да се делат по партиска линија туку ќе имаат еднаков третман и за сите подеднакво вратите на министерството ќе бидат отворени“ велат од ОО на СДСМ Кавадарци.
За назначувањето на Керов за раководител на подрачната за земјоделство реагираа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци од каде рекоа дека СДСМ направил грубо кршење на законот со назначувањето на Керов.
„По законот за државни службеници за раководител на подрачната единица на МЗШВ мора да се распише оглас, што значи мора да го објават работното место на пазарот на трудот и Митко Керов од СДСМ да биде принуден да се соочи со неговата конкуренција“ рече Андон Лазаров, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци на прес конференција.
Тој нагласи дека доколку бил распишан оглас, Керов ќе се соочел со најмалку тројца конкуренти за таа позиција./А.Д


