Тажен ден во Кавадарци: Почина 21 годишно момче од ковид, нови 21 случај
Денеска згасна животот на уште еден млад кавадарчанец поради компликации од корона вирусот. За три дена битката со вирусот ја загубија двајца браќа. Ковид одделот во кавадаречката болница е исполнет, од денеска ново проширување за 10 болнички кревети.
05.11.2020
За само три дена во Кавадарци згаснаа два млади животи поради компликации од ковид 19. Браќата Марјан и Горан Ѓерѓеви ја загубија битката со непредвидливиот вирус. Марјан почина на 26 годишна возраст на инфективна клиника во Скопје пред неколку дена, а денеска згасна животот и на неговиот 21 годишен брат Горан.
Кавадарци е во шок по ова тажна вест. Граѓаните со неверување ја примаат веста дека вистинска трагедија се случи во едно семејство за само неколку дена.
И двајцата браќа, како што информираа лекарите, имале сериозен коморбидитет, апластична анемија. Момчето што почина денеска пред два дена беше транспортирано на инфективна клиника во Скопје по влошена здравствена состојба. На инфективна клиника во Скопје денеска почина и уште една кавадарчанка, поради компликации од Ковид 19.
Осум штитеници и 5 вработени во дневниот центар за лица со посебни потреби во Кавадарци се во изолација, поради позитивен случај на корона вирус кај една вработена во ценатарот. Во изолација се и 14 деца и 2 вработени во кавадаречката градинка, потврдија денеска од Центарот за јавно здравје.
Во последните 24 часа дијагностицирани се 21 нов позитивен случај на ковид 19 во Тиквешијата. Од нив 14 се во Кавадарци, двајца во Росоман и петмина во Неготино.
„Во Кавадарци позитивните се на возраст од 25 до 59 години, во Росоман на 24 и 67години, а во Неготино од 23 до 73 години. Во Неготино едно лице на 73 години е хоспитализирано во болница. Меѓу позитивните во Кавадарци има и еден здравствен работник. Во дневниот центар се преземени сите потребни мерки и е направена дезинфекција, центарот не работи“ информира епидемиолог д-р Ристе Јовановски.
Се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти на ковид одделот во кавадаречката болница, а со тоа се исполни и капацитетот на одделот. Од болницата утринава информираа дека во моментот на болничко лекување се 39 пациетни.
„Има уште еден слободен болнички кревет. Од денеска го зголемуваме капацитетот за уште 10 легла со што ќе имаме вкупно 50 за ковид позитивни пациенти. Од денеска во ковид центарот заедно со интернистите ќе работат и доктори специјализанти кои се вратија од Скопје, само да помогнат на овие пациенти“ вели директорот на болницата д-р Диме Коцев.
Ангел Данов
