Јанчев даде отчет за сработеното: Кавадарци е на прво место (видео)
Асфалтирање, реконструкција на улици, реализација на повеќе капитални проекти. Изборната програма е реализирана 90 отсто рече меѓу другото денеска градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, давајќи отчет за сработеното во две години од мандатот. Се заблагодари за соработката на советниците, општинските служби, јавните претпријатија, граѓаните. Најави реализација на бројни проекти до крај на мандатот.
„ За среќа, реалноста е далеку подобра. Не е возможно на лист хартија, ниту во едно кратко видео, да се долови напредокот на нашата општина, подобрениот квалитет на живот и среќата, мојата и Вашата среќа, како и гордоста што живееме и работиме во нашето Кавадарци. Веќе неколку години со гордост кажуваме дека Кавадарци е на прво место во повеќе сегменти од општеството. Не дека сме нескромни, едноставно живееме во убав град , во град на кој му требаше малку грижа и внимание за да прерасне во урбана и модерна средина со големи можности за просперитет и развој “ рече Јанчев.
Нагласи дека на почетокот не било лесно, но кога се работело со тим кој сака да работи и секојдневно да учи нови работи, воопшто не е тешко.
„Со службите создадовме еден интерен систем за работа кој функционира веќе неколку години и преку кој постигнуваме одлични резултати. Резултатите се видливи и им овозможуваат на граѓаните еден поинаков начин на живеење и функционирање во родниот град“ нагласи градоначалникот.
Ангел Данов