Претставен планот за квалитет на амбиенталниот воздух во Кавадарци

Објавено на 21 октомври, 2022 во 16:38

Нацрт планот за квалитетот на амбиенталниот воздух во општина Кавадарци за период од четири години денеска беше претставен пред јавноста.  Изработен е од службите на општина Кавадарци и Министерството за животна средина, а изготвен од „Технолаб“ Скопје. На презентацијата  присуствуваа советници од Советот, невладини организации, претставник од државниот инспекторат за животна средина.

„Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за општина Кавадарци дефинира генерални цели за подобрување на квалитет на воздухот и истите се во корелација со усвоените стратешки документи, планови и програми на национално, регионално и локално ниво“ вели градоначалникот Митко Јанчев и најави дека во  фаза на изработка е уште еден стратешки документ од делот на животната средина, катастар на загадувачи, кој дополнително ќе биде презентиран пред граѓаните.

Во насока на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух општина Кавадарци ќе продолжи да поддржува замена на стари системи за греење кои користат фосилни горива. За оваа мерка годишно се планирани по 1 милион денари од буџетот, а се предлага субвенционирање и на сончеви колектори.

„ Со носењето на планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, катастарот на загадувачи, вклучително и ЛЕАП-от и нивното имплементирање од страна на општината, а со помош и поддршка од граѓаните ќе се дојде до значително подобрување на целокупната екологија во нашата општина“ нагласува првиот човек на Кавадарци.

Поголемо загадување на воздухот во Кавадарци се бележи во текот на зимските месеци, пред се поради употреба на фосилни горива за затоплување на домовите, а свој придонес во загадување на воздухот даваат и големиот број на возила кои се движат низ градските улици.

Ангел Данов

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.