Загрижувачки пораст на бројот на позитивни во Тиквешијата – отворена и модуларната болница
За два дена 250 нови ковид позитивни случаи во Кавадарци и околината. Ваквата состојба е загрижувачка – велат здравствените работници. Поради зголемениот број на нови случаи се бележи и притисок врз болничкиот дел во кавадареката болница. Директорот на болницата д-р Диме Коцев вечерва информираше дека попладнево е отворена и модуларната ковид болница.
„Во ковид одделот на болницата имаме 27 хоспитализирани пациенти. Вечерва во функција е ставена и модуларната ковид болница и таму имаме еден примен пациент. Вкупниот капацитет за прием на ковид позитивни пациенти е 60 болнички кревети“ вели директорот на болницата и апелира до граѓаните да покажат поголема одговорност, бидејќи ваквиот сериозен притисок е удар и врз здравствените работници, бидејќи и дел од нив се ковид позитивни.
Доколку продолжи неодговорното собирање и дружење се создава простор за помасовно ширење на вирусот. Здравствените работници алармираат, дека можно е да дојде до ситуација да нема доволно медицински кадар, бидејќи и тие се на удар на вирусот. Затоа е потребна поголема одговорност од сите граѓани.
Во моментов активни се 492 случаи во Кавадарци, 202 во Неготино и 23 во Демир Капија.
Од понеделник 24.01.2022 година, лабораториските анализи за позитивните КОВИД пациенти ќе се вршат во Лабораторијата во “Старата болница” секој работен ден од 08.00 до 12.00 часот.
Aнгел Данов