Колку се користи вештачка интелигенција во локалното новинарство – дебата на Медиумскиот фестивал Скопје

Објавено: 24 декември, 2025, во 11:34 часот

Вештачката интелигенција се почесто се наметнува како тема во медиумската сфера, отворајќи прашања за нејзината улога, придобивките и ризиците за новинарската професија. Токму овие дилеми беа во фокусот на дискусијата „Колку се подготвени локалните новинари за ВИ, и дали имаат корист од тоа?“, одржана во рамки на Деветтиот Медиумски фестивал организиран од ПИНА, кој годинава е посветен на неизбежниот влез на вештачката интелигенција во медиумите и трае од 22 до 24 декември.

На дискусијата, која беше во формат на „Реактор“, модератор беше Душица Мрѓа, а свои ставови споделија новинарките Стефани Манева од веб порталот Дума.мк и Лаура Стојанов, новинарка и уредник во М.НЕТ.мк телевизија.

Фокусот на разговорот беше насочен кон тоа колку локалните медиуми ја користат вештачката интелигенција во секојдневното новинарство и дали таа реално им носи корист. Двете новинарки се согласија дека во моментов ВИ речиси и не се користи при подготовка на дневни вести, најмногу поради навиките и динамиката на работата.

-Благодарение на нашите колеги ние помладите новинари сме навикнати да одиме и проследиме настан а потоа да се вратиме во канцеларија да ставиме слушалки на уши и целосно да се посветиме на текстот. Секако немаме потреба во дневното новинарство да користиме вештачка интелегенција и сметаме дека повеќе време би ни одземало да корегираме печатни грешки коишто би ги создала вештачката интелегенција, рече новинарката Манева.

Со нејзиниот став се согласи и новинарката Лаура Стојанов, која истакна дека најчесто е поефикасно новинарот самиот да го изработи текстот.

-Некако времето коешто го имаме на располагање ни е ограничено и затоа работата ја превземаме во свои раце. Некогаш кога ми треба превод за нешто можам да кажам дека користиме вештачка интелгенција но тоа е многу ретко, објасни Стојанов.

Модераторката го отвори и прашањето како би изгледало новинарството доколку вештачката интелигенција почне почесто да се користи и дали таа носи ризици.

-На социјалните мрежи се забележува дека се користи ВИ за секакви материјали кои се пласираат. Овде имаме проблем и со читателите односно публиката бидејќи има луѓе кои не можат да препознаат дали текстот е напишан со вештачка интелегеција или од новинар. Всушност проблем е што ВИ заменува „новинар“ а не е можно да се спореди тоа што ќе го напише новинарот бидејќи се губи суштината на текстот, истакна Стојанов.

Манева посочи дека вештачката интелигенција може да биде корисна во одредени сегменти, особено кај истражувачкото новинарство, но нагласи дека е потребна голема внимателност.

-Со помош на вештачка интелгецнија многу лесно се пласираат дезинформации, видеа, слики коишто може да не се корисни ниту за младите ниту за повозрасните новинари. Затоа е потребна обука пред се за тоа што се спаѓа во вештачка интелегенција а потоа и како би ја користеле новинарите но во позитивна корист, додаде Манева.

При крајот на дебатата беше отворено и прашањето за опасностите кои ги носи вештачката интелигенција, особено преку лажни видеа и манипулирани содржини.

-Дефинитивно има опасност и треба да бидеме внимателни, но затоа се потребни тие обуки за да дознаеме и како треба да се заштитиме. Но и публиката мора да биде претпазлива. Некако младите генерации веќе сме навикнати и во секое видео или фотографија имаме сомнеж па препроверуваме, но повозрасните не го прават тоа и треба да внимаваат. Пример на фејсбук се споделува фотографија од девојче кое дипломирало во некое село а наводно немало средства и бара лајкови за поддршка и надоле има над 10 илјади лајкови и исто толку коментари со честитки, без да сфатат дека тоа е изработено со вештачка интелегенција, објасни Манева.

Заклучокот од дискусијата беше дека на локалните новинари им се потребни обуки за тоа како да ја користат вештачката интелигенција на безбеден и етички начин, така што таа да им биде алатка, а не пречка во нивната работа.

Целосно дебатата може да ја погледнете во продолжение.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.