Лаборатории денеска земаат примероци од водата во „Младост“, испуштен е моментот за примероци од угинатата риба
Освен лаборантите на ЈП „Лисиче“, вчера, овластената фирма „Фуд лаб“ не земала примероци на вода од езеро „Младост“. Никој не успеал да земе ниту примероци од угинатите риби кои плутаа во јата на езерската површина. „Фуд лаб“ и Центар за јавно здравје Велес денеска ќе земат примероци од водата на „Младост“ и ќе направат вонредна контрола, соопшти Општина Велес. Ќе се чекаат резултатите од анализите за да се утврди квалитетот на водата но не и причината којашто го предизвика угинувањето на дел од мрестот на белвицата и кострежот.
Вчерашното пријавување на поморот на овие два вида на риба од страна на ЗСР „Бабуна“, во Општина Велес, по што на терен излегле лаборанти на ЈП „Лисиче“ и потоа, по дури два часа бил пријавен во Државен инспекторат за заштита на животна средина, се само неколку причини што нема примероци од угинатата риба. Дополнително силниот ветер и разбрануваното езеро придонеле да не може да се пронајде примерок од угинатата риба.
Како што дознава Дума.мк увид направил и државен инспектор но испуштен бил моментот да се обезбедат примероци од угинатите јата на костреж и белвица.
Се ова говори дека Велес нема процедура што во вакви ситуации би се спровела во пракса. Дали за неа ќе стане збор на денешниот итен состанок на кој ќе учествуваат сите релевантни институции во Велес? Ќе се отвори ли прашањето за сомнежите поврзани со вливот на канализациони цевки во „Младост“ кои, според сведоштва на граѓани, биле надвор од колекторскиот систем на велешко езеро?
Од ЈКП „Дервен“ одговорија на новинарското прашања на Дума.мк дали сите економски оператори, хотели и мотели, како и сопственици на викенд куќи на „Младост“, Отовичка река се поврзани на колекторски систем на езерото.
„Во врска со Вашето новинарско прашање Ве известуваме дека колекторскиот систем со кој управува ЈКП Дервен ги зафаќа отпадните води, канализација, од станбени објекти од селата Отовица, Новачани, Сујаклари и викенд населбата Бела вода, со хотелите Романтик и Бела вода. За останатите немаме информација. Исправноста на колекторскиот систем со кој стопанисува ЈКП Дервен се следи и тој е во исправна состојба. “, соопштија од комуналното претпријатие.
По вчерашниот еколошки инцидент резултатите за квалитетот на езерската вода ќе бидат познати за неколку дена.
Убавка Јаневска