Лепидовски: Пред почетокот на грејната сезона исчистете ги оџаците и обрнете внимание на сите предизвикувачи на пожар
Просечно во изминатите неколку години, дваесет до триесет пожари во семејни куќи или згради, во една грејна сезона, се предизвикани од палење на оџаци во Велес. Овие бројки треба да ги предупредат граѓаните на обврската по завршување на постоечката и започнување на нова грејна сезона да ги исчистат оџаците. За разлика од куќите, жителите коишто живеат во згради не секоја година посветуваат внимание на оваа безбедносна обврска како по животот така и по материјалните добра на семејствата. Тоа го говорат податоците на Територијалната противпожарна единица во Велес. Препораките на командирот Љупчо Лепидовски се во насока на подигнување на јавната свест на граѓаните за редовно чистење на оџаците но и на останатите грејни тела коишто можат да предизвикаат пожар.
– Од водењето на евиденцијата за настанатите пожари, редовно пред секоја грејна сезона , ги советуваме граѓаните како во куќите така и во колективни згради. Совети даваме и за индустријата, во којашто особено се значајни рестораните, хотелите, сендвичарите, во кои се користат лесно запаливи материи за време на вршење на работни задачи. По секоја завршена но и пред почетокот на новата грејна сезона потребно е чистење на оџаците и ќумците од традиционалниот начин на затоплување на домовите. Исто така, лесно запаливи материи има и во подрумските простории во којшто се чуваат нафтени деривати, плински боци па и алкохол произведен особено од страна на граѓани коишто имаат лозја. Независно дали подрумот се наоѓа во куќа или пак во зграда потребно е одложување и складирање на безбеден начин , додаде Лепидовски.
Тој исто така, препорача редовно чистење и на клима уредите со кои се затоплуваат домовите како и другите помошни уреди што лесно може да предизвикаат пожар.
– Плинските боци што граѓаните ги користат во кујните треба да се проверат од нивните вентили преку цревата до сигурносните вентили како и продолжните кабли. Одредени продолжни кабли се со послаба моќност а на нив се прилучуваат, бојлери, електрични шпорети, печки додека постојат и кабли на кој се приклучени компјутери или пак по лесни потрошувачи на електрична енергија и не се воопшто безбедни. Граѓаните не смеат да купуваат ефтини продолжни кабли со слаба дебелина на бакарна жица затоа што при приклучување на по јаки потрошувачи ќе дојде до загревање на самиот кабел и до самозапалување. Доколку има некој присутен граѓанин тој ќе може да реагира но почесто луѓето се отсутни и доаѓа до запалување на каблите и предизвикување на пожар, дадоде Лепидовски.
На десет дена од официјалниот почеток на грејната сезона овие совети на Лепидовски и Територијалната против пожарна единица во Велес , граѓаните не треба да ги занемарат. Така нема да се доведе во ризик ничиј живот.
Стефани Манева