Литературен конкурс за основци во Велес – уште седум дена до крајниот рок за пријавување
Објавено: 9 декември, 2025, во 12:27 часот
Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, во соработка со локалната библиотека „Гоце Делчев“ распиша литературен конкурс за поетски творби на темите „Елката што шепоти“ и „Божиќната ѕвезда“. Право на учество имаат учениците од сите основни училишта во Општина Велес, поделени во три категории, првата за ученици од IV и V одделение, втората за ученици од VI и VII одделение и третата за ученици од VIII и IX одделение.
Творбите треба да бидат напишани на една страница во A4 формат, со фонт Arial 12, на македонски јазик. Секоја творба мора да ги содржи името на ученикот, одделението, училиштето и името на менторот. Менторите имаат обврска да направат селекција на најдобрите творби и да ги испратат на конкурсната е-адреса: [email protected], рокот за испраќање е 16 декември 2025 година.
Организаторите најавуваат дека резултатите ќе бидат објавени до 20 декември, годинава, а за најдобрите поетски творби во трите категории ќе бидат доделени прва, втора и трета награда.
Наградите ќе бидат врачени на свечена новогодишна манифестација. За точниот датум, место и време, училиштата и менторите ќе бидат дополнително известени, а информациите ќе бидат објавени на официјалните страници на Библиотеката и Клубот на писатели.
Организаторите упатуваат покана до сите талентирани ученици да се вклучат и да го покажат својот творечки дух.
Стефани Манева


