Магла на пат и сивило во град, Велес со презагаден воздух (фото и видео)
Ова видео говори за состојбата затекната вчера, на експресниот пат Штип – Велес, околу 13:00 часот, кога пред влезот во градот возачите на моторните возила влегуваа во густа магла со видливост од едвај два до три метри. Оваа временска појава не беше присутна долж Овче Поле туку од острата серпентина по минувањето на село Каратманово во правец кон Велес. Маглата беше присутна и на удолницата на патот кој покминува покрај Градска депонија со смет. Се до симнувањето непосредно пред град Велес.
Од височината кон удолницата на патот пред раскрсницата за приклучување за Скопје или за влегување во Велес беше забележливо сивилото во кое живее градот. Така е секојдневно штом се стопи снегот, рекоа граѓани кои патуваат на работа кон Свети Николе и Штип. Според нив единствено глетките беа различни во деновите кога заврна првиот снег зимава и траеја само неколку дена.
Во изминатите 23 денови, од почетокот на годината, во 14 денови зголемени се концентрациите на МП 10 честичките во воздухот во Велес покажуваат податоците на единствената државна мерна станица за мерење на квалитет на воздух. Секако тие се однесуваат на делот од градот кај „Багремче“ со населбите Тунел и Керамидна. Оваа мерна станица мери само уште концентрации на сулфур диоксид. Станицата не ги мери уште поопасните за здравјето на граѓаните ПМ 2,5 честички.
Но овие податоци не се релевантни за долниот дел на градот ни за состојбата во централното градско подрачје каде по воведувањето на новиот сообраќаен режим со органичување на движењето на 30 км на час никој не знае колкава е емисијата на опасни честички коишто граѓаните ги вдишуваат. А тие или барем дел од нив кои се пешаци секојдневно се изложени на ризик од болести на белодробието за кои специјалистите интернисти и пулмолози соопштија дека предизвикуваат од бронхите и бронхопневмонии до канцер на бели дробови.
Инаку Велес е оставен со само една мерна станица за квалитет на воздух веќе осма година. Министерството за животна средина и просторно планирање втората велешка мерна станица, многу значајна за регистрирање на загадувањето од тешките метали од топилничарската депонија и објектите во комплексот на поранешна Топилница, ја демонтираше од Велес во јануари 2018 година и ја постави во Струмица.
Убавка Јаневска