Македонското оро и младите игрaорци на „Керамичар“ го освоија фестивалскиот Младеновац (фото)

Објавено на 30 јуни, 2025 во 18:06

Дваесет и осум млади играорци од фолклорниот ансамбл „Керамичар“ од Велес беа дел од петтото издание на Меѓународен детски фестивал „Deffest“ што се одржа во Младеновац, Србија. Играорците беа облечени во различни традиционални носии и настапија со четири кореографии. За секоја од нив добиваа долги аплаузи и овации што говореа дека беа миленици на публиката. .

Во рамки на фестивалската програма настапија и фолклорни ансамбли од Србија, Бугарија и Република Српска  во Босна и Херцеговина, коишто придонесоа за презентација на вистинско богатство од бои, звуци и традиции на едно место.

Фестивалот за младите велешки фолклористи беше повеќе од само настап затоа што им даде можност за нови познанства, размена на културни искуства и создавање пријателства кои долго ќе ги паметат. Тие како вистински културни амбасадори, ја претставија традицијата на Македонија и својот град Велес, на најдобар можен начин.

Културната манифестација покажа уште еднаш дека фолклорот не е само сценски израз, туку мост што ги поврзува културите и ги спојува децата преку игра, песна и дружење.

По оваа успешна турнеја, Ансамблот не мирува затоашто следува интензивна подготовка за настапите на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес 2025“ како и нови патувања, нови сцени и уште многу орa што ќе ја раскажуваат приказната за македонската култура надвор од границите.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.