Млади надежи – Игор Стојков: „Му требаме на Велес, иновативни или авангардни!
Додека во рака ја држите ученичката книшка во која штом ја отворите се редат само бројките пет, како единствени оценки по сите предмети и погледот во момент ви го краде делот за поведението каде го читате зборот „Примерно“, логично е на деветнаесет годишно момче, што седи пред вас, да посакате да му поставите десеттици прашања. Но додека во раце Игор Стојков држи 30 парчиња хартија на кои со големи печатни букви, на македонски и повеќе странски јазици, пишува: Награда, Награда, Награда, Сертификат, Благодарница, Пофалница, Сертификат итн, потпишани од бројни повеќе и помалку познати луѓе во образовниот процес, во бизнис сверата, во неформалното образование, во младинскиот активизам, во волонтерството тогаш се колебате со што всушност да започнете.
Во еден момент сепак си велите, сами на себе, ова е младо момче жедно за наука и започни да го прашуваш што Игор Стојков посакува да стекне, да научи, да совлада, да истражи и да спознае?
-Бизнис поврзан со јавна администрација. Како овие две гранки во општественото уредување можат меѓу себе да се вмрежат и поврзат, да се стават во улога на поттикнувачи на развојот на локалната заедница и со резултати да бидат движечка сила на економијата на една држава. Тука пред се мислам на мојата држава, моите општини Чашка и Велес, во првата затоа што сум се родил и сум раснел како и во втората во која го завршувам средното училиште и живеам. Каков развој ним им треба за да придонесат во раздвижување и поттикнување на националната, македонска, економија што на младите луѓе ќе им овозможи образование според потребите на пазарот на труд, каде бизнис заедницата ја диктира потребата поради инвестициите и која ќе биде доволно мотивирана прво да го вреднува знаењето а потоа и да го наградува трудот. Бизнис заедница што ќе биде доволно мотивирана да препознава и во исто време да инвестира, преку континуирано стручно усовршување, во млади умови, при тоа не заборавајќи ја и останатата потребна работна сила но и во стручно усовршување на менаџерските тимови. Тие според мене се клучна карика во синџирот од алки како што се квалификувани работници, образовани инжинери, успешни стратези во тимови за развој и за планирани инвестиции.Јас сум слушал од моите родители за време во кое тие живееле и за држава што планирала развој на економија преку краткорочни програми, од неколку години, и за догорочни програми од неколку децении. Таму каде што ќе студирам ќе имам доволно време да посветам на истражувања и да споредам повеќе модели но овој концепт што бил одржлив повеќе децении си ветив дека дополнително ќе го анализирам. Се разбира дека сега светот нуди нови концепти, нови алатки и нови концепти за стратешки развој. Сите тие се надевам дека ќе можам да ги проучам, анализирам а зошто не и да ги моделирам според потребите на човекот и различните заедници, рече Игор Стојков.
Сиот досегашен негов труд и ангажман, го анализираше, оценуваше и вреднуваше, организацијата „Macedonia2025“ која му додели целосна стипендија за студирање на престижниот руски универзитет ,,Руска претседателска академија за бизнис и јавна администрација’’ во Москва. Таму Стојков е запишан на насоката ,,Европски бизнис, јазици и култура’’. Наставата ќе ја слуша на англиски и на шпански јазик. Тој не крие дека е многу среќен и возбуден. Неговите младешки очекувања се да одживее еден дел од животот и да осознае што ќе му донесе иднината.
На прашањето што за него значи зборот „Примерен“ млад човек, Стојков веднаш разбра дека впечатокот и поттикот да биде прашан се од неговата ученичка, средношколска книшка.
-Учам во најдоброто, според мене средно училиште во Велес, во ОСУ ,,Јовче Тесличков’’. Сега завршувам четврта година. Јас зборот „Примерен“ го разбрав и го практикувам како квалификација за ученик што континуирано и сестрано покажува одлични резултати. Не е тоа само бројката 5 по предметите што од прво одделение во основно се до четврта година во средно образование се пишуваат во дневниците од страна на наставниците. Тоа се одлики за ученик што со редовната посета на наставата покажува дека го совладал и разбрал градивото, ги завршил сите домашни задачи, ги освоил максимално потребните бодови на тестирањата и оценки на писмените задачи. Дополнително читал, истражувал, совладувал вештини, се надградувал преку пребарувања на библиотечни онлајн фондови. Исто така размислувал и класифицирал податоци, бил инвентивен па и простете ми ама бил и многу радознал. Потоа употребувајќи ги сопствените интелектуални капацитети и логиката ги презентирал спознанијата пред класот, на натпревари пред врсниците или научната фела што единствено може да процени и даде оценка, да насочи што е добро а што можеби е погрешно толкување или резиме, резултат, додаде Стојков.
Тој како средношколец, успеал да ја освои престижната стипендија за учество на „YES Program“. Тоа е програма која овозможува студирање во САД за ученици од средно образование од Македонија, во период од една учебна година.
– Така јас добив можност да бидам сместен во државата Њу Хемпшир, во североисточниот дел на САД, во прекрасно семејство. Тоа искуство многу ми помогна. Пред се да ги проширам хоризонтите и да научам за различните народи и култури. Додека бев во САД, ја посетив државата Флорида како и градовите Бостон, Салем и уште други десеттина места. Таму додека учев низ разни примери и практични вежби прв пат посакав да му се посветам, да го проучувам и истражувам бизнисот како гранка. И нема да премолчам дека токму стекнатите знаења во ОСУ „Јовче Тесличков“ ми помогнаа да ја добијам наградата „Academic Excellence in Business and Computers“. Оваа награда се доделува на годишно ниво и ја добива само еден ученик. И јас ја добив како ученик од Македонија, додаде Стојков.
Тоа не е единствената држава што имала можност да ги провери, оцени и надградува капацитетите на ова младо момче. Во изминатите четири години неговата желба за дополнително образование и мобилност го однела од Македонија во десетина држави меѓу кои: Швајцарија, Турција, Унгарија, Грција и други.
– Сите тие искуства ми помогнаа да стекнам информации, вештини и добри практики за барање на решенија за проблеми со кои се соочуваме како држава, регион, Свет. Исто така, тие искуства ми помогнаа да запознам многу млади луѓе од цела Европа, да се вмрежам и постојано да имам можности за едукација, за работа и за мобилност, рече Стојков.
Додавајќи дека она што најмногу помага и се одразува врз животот на младите луѓе е активистичкиот и волонтерски ангажман во локалната заедница, Игор Стојков, смета дека токму во неа и во интерес на граѓаните е да се покаже инвентивноста и да и се возврати на најдобар начин.
-Најдобро е кога младите луѓе се мотивирани да остават сопствен белег преку придонес во локалната заедница. Таа е нивна и заедничка со сите граѓани. Нешто што ме прави најсреќен е кога правам работи за мојот град, кога учествувам на еко акции, кога ќе успеам да работам со група на млади и да подигаме свест кај моите сограѓани преку кои се бараат решенија за разни проблеми. Една таква платформа ми беше овозможена од Фондацијата ,,Фокус’’. Со Клубот на млади на Фондацијата, ние заедно, успеавме да направиме неколку обуки за медиумска писменост, онлајн едукации за борба против Ковид-19, за младински активизам и за волонтерство. Таквите активности и акции ми помогнаа да стекнам многу вештини, како што се: организација, јавно говорење, социјални вештини итн. Исто така, за време на моето волонтирање во ФОКУС, но и во Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Општинска Организација Велес, успеав да запознам многу млади луѓе кои се мотивирани за по доба локална заедница, по квалитетен живот, по одговорно општеството и за негување на вистински европски вредности, додаде Стојков.
Тој годинава е еден од двајцата средношколци на кои Општина Велес им ја додели престижната награда „Признание за најталентиран ученик во средните општински училишта“ по повод 24 Мај –Денот на Сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“.
-Му благодарам на градот Велес и на Општина Велес.Искрен сум кога велам дека од сите досега добиени, оваа награда, ова Признание, ми е најдраго. Не затоа што е последно туку затоа што е од локалната заедница во која сум дал личен придонес и на која и ветувам дека ќе и дадам уште многу. Воедно би сакал да ги мотивирам младите луѓе, средношколците, да не го трошат своето време само во пиење кафе и разговори туку да бојадисаат една клупа, да уредат една јавна површина, да засадат една садница, да организираат еден јавен настан, да бидат хумани, добродушни, организирани и исполнителни. Такви му требаме на Велес без разлика дали сме иновативни или пак авангардни. Ние сме млади и како што ми велат моите родители, еден ден, ќе има во нашиот град белег по кои ќе не препознаат некои наредни генерации на млади луѓе, додаде Стојков.
Сега тој е во подготвителна фаза за патувањето во Москва, Русија. И покрај очекувањата што ќе му понуди Универзитетот сепак своето слободно време го става на располагање на граѓанскиот активизам и на волонтерството.
Убавка Јаневска