Мобилно новинарство: Велешанката Војдиновска –од каратистка до судијка на светски ранг (видео и фото)

Објавено на 8 јуни, 2023 во 09:03

Климентина Војдиновска е позната спортистка во Велес и во Македонија. Таа е каратистка со 16 годишно спортско искуство, како клубско и репрезентативно така и судиско. Поранешната каратистка сега ниже резултати во судиската кариера. Последниот резултат е во Премиер лига, што се одржа во градот Рабат, во Мароко. Таму карате судијката Војдиновска се стекна со нова лиценца.

– Премиер лигата во Рабат се одвиваше во месец мај, неколку дена и бевме учесници 150 кандидати од цел свет. Таа светска лиценца ми отвори многу врати, посебно како девојка којашто беше единствен кандидат од Македонија и многу ми е драго што успеав да ги положам и двете лиценци и во кати и во кумите и да бидам избрана од 150 кандидати меѓу тројата најдобри, додаде Војдиновска.

Последната Лиценца е особено значајна за Војдиновска на патот кон судијската светската  кариера. До пред десеттина години Војдиновска се натпреваруваше  и во кати и во кумите. Сега како судијка таа ги оценува каратистите.

-Искрено ми е многу драго што се стекнав со таа лиценца. Претходно како судија од европски ранг ми остана уште една лиценца што треба да ја завршам. Се надевам наредната година во Грузија ќе биде европското првенство, кадешто ќе ги завршам европските лиценци во целост. Да, оваа награда многу значи. Претходно со европските лиценци можев да судам само на европски првенства, европски Премиер лиги и натпревари додека сега со оваа лиценца ми се отворија вратите на целиот свет, додаде Војдиновска.

Климентина е втора жена, карате судијка од Македонија, која цели да им се придружи на најелитните судиите од светски ранг. Нејзин идол е татко и. Нему му се отворени вратите на најпрестижните карате натпревари во светот.

-И по стапките на татко ми кој што е помеѓу 20 најдобри судии во цел свет. Се надевам дека ќе стигнам до неговото ниво. За секој учител најголемо задоволство е кога ќе го надмине неговиот ученик. Драго ми е што имам од кого да учам, го имам покрај себе и како поддршка и како учител и како тренер. Се надевам дека ќе ги изодам и неговите стапки. Ми треба искуство. Тежок е патот и потребни се многу работа и труд, посветеност., додаде Војдиновска.

Војдиновска тренира карате од четири годишна возраст. Првата европска лиценца ја доби на 25 годишна возраст, во 2018 година. Таа пет години подоцна е меѓу најдобрите карате судијки на Балканот. „И воопшто не беше едноставно да се стигне до неа,“ се присетува Војдиновска.

-Искрено сум си многу горда затоа што со подготовки почнав во јануари, годинава. Немав слободен ниту еден викенд. Преку недела работно и преку викендите посветена работно на ова. Претходниот, поточно последниот месец пред полагањето , бев во карантин. Работа, дома и тренинзи. Целосно на ова се посветив. Многу ми е драго што успеав. Целта ми беше да ги положам двете лиценци, да бидам помеѓу најдобрите. Многу ми е драго што бев меѓу тројцата најдобри. Прв пат се случи од толку многу кандидати мажи и само 10 пријавени жени  да бидеме избрани три жени за најдобри во кумите. Сите три од балканот, додаде Војдиновска.

Градот Велес, Војдиновска досега неколку пати ја прогласува за најдобар судија. Карате Федерација на Македонија во 2022 година и додели пофалница за Успешна Меѓународна судиска презентација. Овие признанија е мотивација за оваа успешна жена која целото слободно време го посветува на младите каратисти од клуб „Гладијатор“. Таа секојднево тренира групи на деца и создава свои следбеници.

Убавка Јаневска

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.