МВР: Новите пасоши не можат да се издаваат во иста просторија со лични карти и сообраќајни дозволи,бројот на граѓани се намалува
„Постапката за издавање на лични карти и возачки дозволи е различна од постапката за издавање на пасоши и од таа причина не можат да се во исти работни простории“. Вака одговори Министерството за внатрешни работи на прашањето на Дума.мк зошто во ново отворената канцеларија на Одделението за управни работи во Велес, за издавање на лични документи, во просториите на Пожарна, не се издаваат и пасоши туку само нови лични карти и сообраќајни дозволи.
Состојбата пред овој Оддел на МВР во Велес според граѓани од трите општини Велес, Чашка и Градско, сега е променета. Иако е зголемен бројот на граѓани кои секојдневно чекаат за подигање на новите лични документи не бил така мал бројот и на тие што се фотографирале.
-И ако граѓаните кои подигаат нови лични карти и сообраќајни дозволи побрзо завршуваат работа тоа не може да се каже за категоријата која чека за нов пасош, тврдат граѓани.
Од МВР не одговорија конкретно зошто не го зголемат бројот на вработени во овој Оддел во Велес кога очигледно е дека во исто време не може да ги фотографираат за сите три лични документи и да бараат, односно да ги издаваат новите пасоши.
„Во однос на прашањето што планира да преземе МВР во однос на термините Ве известуваме дека секоја недела се врши прочистување на списоците на сликани граѓани и констатирано е дека е намален интересот од граѓаните за поднесување на барања за издавање на нови лични документи. Одделението за управни работи Велес ја следи состојбата и со цел задоволување на потребите на граѓаните секоја сабота организира акции за вонредно издавање на готови лични документи, а за таквите акции граѓаните се навремено известени преку локалните медиуми“, напишаа од МВР.
Граѓани кои сеуште не успеале да го подигнат својот нов пасош сметаат дека министерството треба да воведе систем на известување и да ги информира дека пасошот е изработен со што нема повеќе пати да одат до ова Одделение во Велес. Така ќе се намалел метежот а и тие немало бесцелно да губат по неколку часа во деновите.
Убавка Јаневска