На оглас ставени 29 социјални станови во новата зграда во Велес
Деца без родители или родителска грижа коишто имаат наполнето 18 години и претходно биле згрижени во домови или во родителски семејства како и деца без родители, но исто така и корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни односно природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, потоа лица припадници на Ромската заедница коишто се социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца можат да конкурираат за добивање на социјален стан во новата зграда на улица „Раштански пат“ број 20 во Велес.
Заинтересираните треба да поднесат документи за користење под закуп на еден од вкупно 29 станови со површина од 38 до 42 м2 во зградата со местоположба во близина на поранешната фабрика „Киро Ќучук“.
Документите се поднесуваат во Центар за социјална работа Велес чиишто вработени Елена Цветкова, на контакт телефонскиот број 078/241-536 и Томислав Илиевски, на контакт телефон 078/611-641 треба да ги дадат информациите и да им помогнат околу комплетирањето на документите на заинтересираните велешани од претходно наведените ранливи категории на граѓани за добивање на стан во оваа социјална зграда.
Крајниот рок за поднесување на документите во оваа Јавна Установа, Меѓуопштински центар за социјална работа Велес, е 21 октомври 2024 година.
Зградата со станови наменети за социјално ранливите категории на граѓани започна да се гради во 2021 година со финансиски средства. поточно, заем од Советот на Европа даден на Република Северна Македонијa. Инвеститор беше Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор додека распределбата на становите ја реализира Министерство за транспорт и врски.
Јавниот оглас на Министерството за транспорт и врски е објавен на неговата веб страница https://mtc.gov.mk/vesti/Oglas-za-raspredeluvanje-na-29-sotsijalni-stanovi-vo-opshtina-Veles- .