На пензионери во Велес, лекарки интернистки им делеа совети и здравствени работници им мереа шекер во крвта (фото и видео)
Денешниот, Светски ден на дијабетес, за пензионерите кои живеат во Пензионерска зграда на здружението во Велес и за останати кои го посетуваат клубот на здружението имаше поразлична организација од секојдневните. Нив ги посетија претставнички на велешкиот „Инервил“ клуб кои заедно со лекарки интернистки на Општа болница им организираа активности чија цел беше да покажат грижа за постарите лица и подобрување на нивната благосостојба. Акцијата, како што ја нарекоа, членките на „Инервил“, се спроведе во соработка со Здружението на пензионери на Велес и Здружението на лица со дијабетес, како и со поддршка на д-р Мирјана Николова, специјализант по ендокринологија и Иванка Караѓозова Трчкова, претседател на Здружението на лица со дијабетес.
Потпретседателката на “Инервил“, д-р Елена Левкова Ќулумова ја објасни денешната нивна „Акција“.
Овој ден има особено значење во светот и е посветен на подигнување на свеста за дијабетесот, состојба што влијае врз здравјето и животот на милиони луѓе насекаде, вклучувајќи и многу велешани. Познато е дека дијабетесот е хронична болест која бара континуирана грижа, знаење и поддршка. Превенцијата и раната дијагностика играат клучна улога во контролирање на дијабетесот и во спречување на неговите компликации.
-Ова е особено важно за пензионерите, кои често се под поголем ризик поради промените што се случуваат со здравјето со текот на годините. Се повеќе истражувања покажуваат дека едноставни, но здрави животни навики можат да го намалат ризикот од развивање на дијабетес тип 2, кој е најчест кај постарите лица. Затоа, нашата цел денес беше да ги информираме за основните чекори кон превенцијата , кои што можат да се применат во секојдневието. Овие чекори вклучуваат балансирана и разновидна исхрана, редовна физичка активност, како и поддршка за одржување на здрава телесна тежина. Дури и малите промени можат да направат голема разлика,“ рече претседателката на „Инервил“ клуб Велес д-р Благородна Николова.
Друштвото на дијабетичари Велес и „Инервил“ клубот Велес, беа домаќини на денешниот настан со цел да обезбедат поддршка и потребни информации и за оваа ранлива категорија на велешани.
„Инервил“ е женска меѓународна организација основана во 1923 година во Манчестер, која веќе 100 години придонесува во општествената заедница преку разни хуманитарни акции и донации на сите оние на кои тие се потребни. Има клуб и во Велес чии членки преку хуманоста како благородна движечка цел, ги промовираат пријателството, почитувањето, верностите, искреноста, несебичноста и свеста за доброто на другите.
Убавка Јаневска