На велешкиот пункт за масовна имунизација од денеска се вакцинираат граѓани што биле распоредени во Кавадарци
Десетмина велешани со термин преку vakcinacija.mk наместо на кавадаречкиот пункт за масовна имунизација денеска беа вакцинирани во Велес. Тие ја примија првата доза од кинеската вакцина „Синовак“ заедно со уште двајца граѓани од Куманово коишто дојдоа во Велес. Вакциналниот пункт располага со 2.000 дози од овој вид на вакцина. Денеска освен што граѓаните ја примаа првата доза од вакцината „Синовак“ , течеше и ревакцинација со вакцината „Фајзер“ .
Пунктот за масовна имунизација во Велес неделава работеше двосменски кога организирано вакцина примија граѓани од Гевгелија, Дојран, Валандово и од Неготино.
Исто така пунктот ќе работи и утре, сабота, 3 јули но во една смена од 08:30 до 14:30 часот. За утре се предвидени да се аплицираат 500 дози од вакцината „Синовак“.
Досега според евиденцијата на Д-р Марина Тодорвска, координатор на вакциналниот пункт во Велес, во изминатите 35 дена се вакцинирани и ревакцинирани над 10.000 граѓани во Велес. Во оваа бројка не спаѓаат граѓаните што вакцината ја примија на вакциналните пунктови во „Здравствен дом“ во Велес.
Според последните информации, граѓаните коишто добиваат СМС пораки за вакцинација во Кавадарци, преку апликацијата vakcinacija.mk, можат терминот да го искористат и на вакциналниот пункт во Велес. На пунктот за масовна имунизација во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ ќе бидат примени, исто така и граѓани што добиле СМС порака од соседните општини Чашка, Градско и Лозово. Таму ќе бидат примени и услужени.
За разлика од нив, на ревакцинација во пунктот во Кавадарци мораат да одат граѓаните коишто деновиве добиваат СМС пораки со термини за примање на втора доза вакцина.
Убавка Јаневска