Наградата за најдобар актер „Деспот Ѓураѓ Бранковиќ“ на Меѓународен фестивал во Смедерево за Исидор Јованоски, актер на Театар „Џинот“

Стручното жири на 12-ти Меѓународен амбиентален театарски фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево, Србија, во состав Исидора Миниќ, драмска уметник, д-р Зоран Максимовиќ, театролог, и претседател на жирито Горан Ибрајтер, писател и извршен директор на „Стеријино позорје“ од Нови Сад наградата за најдобар актер му ја додели на Исидор Јовановски, актер на НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес.
Наградата за најдобар актер го носи името „Деспот Ѓураѓ Бранковиќ“ а неа Исидор Јованоски ја доби за улогата на Тригорин во претставата „Галеб“.

Велешки Театар на Меѓународниот амбиентален театарски фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево ја играше претставата “Галеб“. Овој фестивал се одржува во Смедеревската тврдина и годинава понуди програма со учество на повеќе реномирани и респектабилни театари како од Србија така и од странство. Наградата на Јовановски му беше врачена синоќа, на финалната фестивалска вечер.
-Наградата од една страна доказ е за посветеноста, талентот и инспиративната актерска енергија на Јовановски а од друга страна и на целиот ансамбл на велешки Театар којшто освен дома се почесто селектиран е и поканет за учество на интернационални театарски фестивали. Ја користам оваа можност јавно да му честитам на Исидор како и на целиот колектив чии што ангажман резултира со учества на бројни фестивали и со освојување на награди, рече директорот Жарко Спасовски.

Тој најави дека по ова петто меѓународно учество на Меѓународен театарски фестивал засега велешки Театар селектиран е за уште два коишто ќе се одржат во октомври, годинава. Првиот е нишкиот, каде ќе се прикаже претставата „Галеб“ и оттаму веднаш се патува за Крагуевац за каде селектирана е претставата „Татко“.
Убавка Јаневска
