Намален интересот за трета доза вакцина против Ковид-19 во Велес
Во првите три дена од тековната недела околу 350 граѓани примиле вакцина против Ковид-19 на двата пункта во Здравствен Дом Велес. Додека во текот на претходната недела прва доза вакцина примиле 174 граѓани, втора доза 108 граѓани и трета доза 263 граѓани. Според д-р Марина Тодоровска од службата за имунизација, прва доза на вакцина најчесто примаат граѓани од 20 до 50 години.
– За трета доза вакцина намален е интересот иако доаѓаат граѓани коишто се помлади и не добиле пораки од страна на Министерство за здравство, но се заинтересирани да ја примат бустер дозата. Оние кои ги исполнуваат условите веднаш се вакцинираат, додаде Тодоровска.
Од денеска, 1 декември, во оваа здравствена установа нема да се аплицира вакцината „АстраЗенека“ ни за прва ниту за втора доза. Граѓаните коишто во текот на месец ноември не ја примиле втората доза од вакцината „АстраЗенека“ имунизацијата ќе ја продолжат со вакцината „Фајзер“.
– Не претставува проблем да се мешаат векторна вакцина со мРНК вакцина. Во Америка и во Европските земји уште од летниот период се практикува овој вид на вакцинација и испитувањата покажуваат добри резултати. Вакцинираните имаат висок број на антитела од мешање на овој тип вакцини и не претставува проблем и кај нас граѓаните после прва доза„ АстраЗенека“ да примат втора доза „Фајзер“, додадеТодоровска.
Теренската вакцинација продолжува, медицинските работници континуирано вршат вакцинација во домашни услови како со прва така и со втора и трета доза од вакцината „Фајзер“.
Двата пункта во Здравствен дом Велес работат од понеделник до сабота, само во прва смена од 08:00 до 13:30 часот.
Стефани Манева