Државата ќе донесе закон за здружување на земјоделците во задруги!
Во Повардарскиот регион веќе функционира земјоделската задруга ”Прва лозарска кооператива”. Овие задругари имаат позитивни искуства наспроти сомнежите на земјоделците од Криволак.
Во Неготино веќе неколку години функционира земјоделската задруга ”Прва лозарска кооператива”. Ја формираа неколкумина земјоделци кои видоа перспектива во идејата за окрупнување на обработливата земја што ја поседуваат, поголема конкурентност на производството и полесен пласман на производите.
„Ние сме здружени повеќе членови, ни помага агроном со совети и по поевтини цени ги набавуваме репроматеријалите. Ваквиот организиран начин на земјоделско производство ни дава предност да ги пласираме нашите земјоделски производи и се надеваме дека новиот закон ќе ни донесе поголеми бенефиции и финансиска поддршка“,рекоа земјоделци од задругата. Во „Прва лозарска кооператива“ веќе имаат искуства од организирање во земјоделско здружение. Сега го очекуваат законот за да видат какви бенифиции ќе им донесе и какви обврски ќе им создаде.
Но, во неготинско има и такви земјоделци кои поради разни околности гледаат со недоверба кон најавеното ново законско решение. Пред се тоа го темелат на негативни искуства од минатото кога постоеле задругите, на менталитетот како и на довербата меѓу самите земјоделци. Лозари од село Криволак своите сомнежи ги насочија и кон функционирањето на системот па затоа сметаат дека не би имале интерес од здружување во задруга.
„ Мислам дека делови од овој предлог закон треба под итно да претрпат измени. Прво нешто што ми паѓа на ум е делот кој го регулира правото на субвенција. Во тој случај кој би можел мене да ми гарантира дека нема да има манипулација со субвенциите меѓу малите и големите задруги“,прашува лозар од неготинското село Криволак.
Законот за земјоделски задруги се очекува да ги поттикне земјоделците да се здружуваат во кооперативи за да можат полесно да реализираат покрупни инвестиции, да обезбедат самостоен настап на пазарите без предходно да ги продаваат земјоделските производи на откупувачите или трговците. Сега речиси 90 отсто од македонските производители се индивидуални земјоделци кои обработуваат мали површини на земја.
Законодавецот, министерството за земјоделство, пропишал бенифиции според кои земјоделците кои ќе се здружат во задруги ќе добијат до 20% поголеми субвенции, покривање на трошоците за осигурување на земјоделски посеви како и до 50% на трошоците за набавка на земјоделска механизација.